“МАКЕДОНСКИТЕ“ АЗИЛАНТИ – ЗАКАНА ИЛИ МОЖНОСТ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ДРЖАВИ

Визната либерализација донесе поволности но и многу критики за граѓаните на Република Македонија. Од една страна, поволности затоа што за прв пат граѓаните на РМ можат “слободно“ да патуваат во западноевропските земји, од друга страна критики – бидејќи се зголеми бројот на баратели на азил. Речиси три години после визнaта либерализација, Македонија се соочува со “закани“ за враќање на визниот режим и остри критики за “контролирање“ на одредена група граѓани. Македонската и европската јавност по однос на ова прашања единствената вина ја лоцираат кај Ромите без притоа да ги согледаат фактите за причините за азил како и бенефитите на долг рок кои може да произлезат.

Во таа насока, оваа анализа има за цел да ги согледа причините за азил од економска перспектива, како и да ги анализира трошоците и придобивките на еврoпските држави кои се приматели на најголем број на азиланти. Исто така оваа анализа го толкува т.н азилантско прашање од друг аспект кој е надвор од постоечката “рамка“ и дава аргументи зошто развиените земји треба да вложат во развојните политики во земјите – кандидати за ЕУ со цел да не се повтори сценариото на Бугарија и Романија каде што масовен број на граѓани почнаа да мигрираат.

Причини за азил

Интеграцијата кон еден глобален пазар, покрај економските придобивки предизвика и продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните во земјите на Европската Унија. Проширувањето на Унијата и приемот на новите членки во Шенгенскиот режим доведе многу луѓе да емигрираат од периферијата кон западно – европските земји. Со либерализирањето на визниот режим граѓаните од земјите на Западен Балкан ја искористија можноста да патуваат а воедно и да ја бараат својата посветла иднина надвор од државата.

Причините за барање азил во оваа насока, може да се бара во два типа на фактори: Првиот тип се фактори кои ги притискаат луѓето да ја напуштат државата (push фактори) ; додека вториот тип се фактори кои всушност ги мотивираат (pull фактори). Кога е во прашање Ромската заедница и двата типа на фактори подеднакво дејствуваат.

Како што може да се забележи факторите се претежно од социо – економски карактер, и во овој контекст се поставува тезата дека луѓето со понизок животен стандард , невработеност, лоши услови на домувањеи ниски плати се склони кон барање на нови можности и решенија, вклучувајќи го и напуштањето на својата држава. Во овој поглед, истражувањето на УНДП за ситуацијата на Ромите во 2011 , оди во прилог на тезата и укажува дека сосема е логично Ромите да го бараат својот излез во странство на ралични начини – азил, емиграција, бракови, и сл. токму поради лошата социо – економска ситуација. Индикаторите за образование, невработеност, здравствена состојба, од долунаведената табела, само го потврдуваат овој факт.

Извор: Истражување за вулнерабилност на Ромите, УНДП 2011[1]

Во околности каде што еден дел од вкупната популација се соочува со ваква ситуација, каде што имплементацијата на државните политики за Роми стагнира, одлуката на ромската заедница да бара азил со цел да си обезбеди подобра иднина е логична и рационална. Оваа теза важи не само за ромската, туку и за секој поединец и заедница која се соочува со ситуација на безперспективност за својот опстанок во општеството.

Се поставува прашањето кој ја сноси одговорноста за новонастанатата ситуација: Државата, ЕУ, или Ромите ?! Државата, поради фокусот кон останатите приоритети (Скопје 2014, ЕУ интеграција) и не – имплементација (занемарување) на Декадата и Стратегијата за Роми. ЕУ која не ги научи лекциите од минатото (Романија и Бугарија) и продолжува да го толерира прекршувањето на сопствените закони од страна на земјите кандидати. Ромската заедница, поради митот дека ЕУ дава азил по основ на сиромаштија; групации кои од профитерски интереси дезинформираат и манипулираат со сиромашните и на крај ромските политичари кои недоволно ги штитат интересите на својот електорат.

Се разбира дека одговорноста лежи во сите три засегнати страни, меѓутоа последиците различно се манифестираат:

Зголемување на трошоците на Европските држави поради големиот број на баратели на азил (глобално), Македонија поради опасност за враќање на визниот режим воведува рестриктивни и селективни мерки кон своите граѓани Ромите ставени во “домашен железен кафез“- со ограничување на правото за слободно движење. Во натамошниот дел, направена е анализа на трошоците на државите приматели на азил, како и бенефитите кои може да произлезат доколку овие држави ги интегрираат Ромските азиланти.

Колку изнесуваат трошоците на државите – приматели на азил

Државите на Европската Унија немаат еднаква дистрибуција на баратели на азил, токму поради немањето на заедничка политика за азил. Поради ова, најчесто се на мета оние држави кои имаат подолги процедури за процесирање на апликациите; оние кои се “дарежливи“ во материјалната подршка, и каде шансите за вработување се поголеми. Така на пример примарна “цел“ на барателите на азил се Германија, Белгија и Шведска, каде што се распределени околу 75% од вкупниот број на азиланти од Западен Балкан. [2]

Извор: Иницијатива за Европска Стабилност [3]

Напоредно на ова, трошоците поврзани за азил значително се разликуваат во рамките на земјите членки на унијата. Во оваа категорија трошоците се од типот на административни трошоци поврзани со процесирањето на апликацијата за азил и експлицитни трошоци за живеење (семеен надоместок, храна, сместување, напуштање на државата и сл.). Така на пример најчесто на лицата барате на азил, според законот им се обезбедува место на живеење во колективни центри, медицинска заштита, храна и месечен надоместок.

Табелата 2, ги сумира вкупните трошоци и нивниот удел (%) во расходната ставка на буџетите во 10 земји во Европа, каде што 90% од македонските граѓани имаат побарано азил во текот на 2012 година. Како што може да се забели од табелата годишните трошоци кои ги сносат овие 10 држави во Европа изнесуваат околу 24 милиони евра, што можеби на прв поглед се чини огромна сума која претставува всушност помалку од 0,1% од нивните буџети.

Експлицинтри трошоци по азилант [4]

Заклучокот кој може да го изведеме од горенаведента табела е дека македонските азиланти[9] не претставуваат реална закана од финансиски аспект. Што всушност укажува ова ?! Ваквата ситуација всушност укажува дека идеалот за хомогенизирање на населението продолжува да функционира како основна демографска политика на државите од Европа. Скриената завеса од негативни ставови на населението во Европа го покажува менталниот склоп и размислувања кое преовладува во Европа особено после економската криза. Според истражувањата на Трансатлантик Трендс, 52% од луѓето во Европа имиграцијата ја гледаат како проблем а не можност, со највисок песимизам во Британија, 2011 година.[10]

 

Анализата на тршоците укажува дека државите приматели на азил можат да се соочат со три опции и тоа:

  • Враќање на азилантите – ова е најлесна опција за имплементација, и соодветствува со постоечката политика, која се применува со примеси на присилни и рестриктивни мерки кон цела ромска заедница. Измените како што се намалување на времетраењето на процесирање на апликациите; не – прифаќање на барања за азил од Западен балкан и сл, имаат за цел да го намалат приливот на азиланти. Ваквата политика на ЕУ всушност укажува дека државите сеуште не се спремни да се соочат со предизвиците за слободно движење на луѓе, капитал,пари и идеи. Притисокот што се врши од страна на европските држави врз Македонија укажува дека “властите во Македонија се приморани“ да водат селективна политика и да ги затвораат границите за Ромите.
  • Пренамена на трошоците за азил во инвестирање – Многу поефективна политика и поголем бенефит државите од Европа ќе имаат доколку истите средства што ги трошат за азилантите, истите ги инвестираат во Македонија. Инвестиција во човечки капитал, особено во подршка за отварање на мали бизниси и едукација, која од една страна ќе придонесе за материјална сигурност на луѓето и од друга страна воедно ќе придонесе и за намалување на бројот на апликацци за азил. Втора можност е да се даваат условни парични трансфери, за едукација и тренинг на “критичната група“. Која било опција да се имплементира од оваа група значително може да придонесе да се подобрат условите и состојбата на живеење. Сумата од 24 милиони евра потрошени за сите азиланти не е за занемарување, која во комбинација со државни средства и политики може да го зголеми пристапот до сите сервиси (образование, здравство, вработување, домување).
  • Интеграција на азилантите – Последната опција значи всушност отворање на вратите на европските држави и интеграција на истите во државата. Имајќи го предвид трендот на стареење на населението во Европа, државите во натамошните 10 до 20 години, ќе се соочат со значително намалување на работната сила. Интеграцијата на луѓето кои имаат или бараат азил во државите на ЕУ, пред се значи доделувње на право на работа за периодот во азил за да може едно семејство материјално да опстојува и не биде на трошок на државата. Ова е една од опциите кои што на долг рок може да придонесе корист на сите засегнати страни.

1. Државата примател на азил – плаќање на даноци кои ќе одат во буџетот на државата, зголемување на понудата на работна сила која индиректно може да придонесе за намалување на цената на производите, ефтина или дефицитарна работна сила која во тешки услови на стопанството може да помогне истото да се издигне; да се диверзифира и зголеми социјалната хармонија во општеството преку поголема подршка и разбирање од страна на “домашното“ население, кое ќе ги гледа овие луѓе како дел од нивното општество кое придонесува во државата.

2. Матичната држава на азилантите – бенефитот на матичната држава всушност се однесува на зголемување на дознаките од странство кои го подобруваат платниот биланс на државата и позитивно влијаат на девизните резерви. Исто така, многуте семејства кои што се успешно интегрирани во Европа, редовно праќаат пари назад за грижа на останатите членови на семејство, што индиректно придонесува за зголемувања на производството и побарувачката на домашни производи.

3. Барателите на Азил – Интеграцијата на барателите на азил може да се анализира од два аспекти: индивидуален и групен аспект. Од индивидуален аспект, интеграцијата на едно семејство ќе значи материјална сигурност, можност за квалитетен и достоен живот. Се разбира во овој поглед интеграција ќе значи и подобар пристап во уживање на јавните добра – здравсто, вработување, образование. Воедно интеграцијата ќе ги мотивира и поттикне да учествуваат во јавниот живот и носат сопствени одлуки за нивната иднина. Од групен аспект, на ниво на целата економија, интеграцијата на азилантите би значело и поголема конкуренција на пазарот на труд, но и зголемување на понудата на работна сила на неквалификуван кадар кој што може да придоенсе и за намалување на платите.

Заклучок

Барателите на азил од Република Македонија имаат минорен удел во вкупните трошоци на буџетите на државите од Европската Унија. Главната пречка и закана што се однесува на “азилантската политика“ е всушност сигналот кој им се праќа на останатите луѓе, кои се потенцијални баратели на азил или планираат да ја напуштат државата преку редовни процедури за вработување во странство. Одтука европските држави налагаат да се превземат стриктни мерки за контрола на населението од нашите домашни власти, и спречување на напливот на сиромашни граѓани од регионот. Се почесто се превземаат дискриминаторски мерки од страна на домашните власти, кои ја пречекоруваат нивната службена надлежност и превземаат мерки дури и кон граѓаните кои немаат ниту намера нити било каква врска со овие трендови на напуштање на државата.

Одтука, Македонија и европските држави наместо излезната стратегија да ја бараат во интеграција на азилантите во постоечките системи и превземање конкретни мерки за вклучување бо општеството, за жал се одлучуваат за стратегија на контролирање на движење на населението. Во многу држави, како Австралија, Америка, Канада, се докажа дека вклучувањето на азилантите на пазарот на труд на долг рок носи многу поголем бенефит, одколку трошоците кои ги вложува државата во сегашните мерки и постапки . Дали имплементација на азилантската политика во ЕУ се манифестира на правилото “силните го прават тоа што можат, додека слабите го прифаќаат тоа што мораат“ останува да се види. Сонот за Европска Унија, каде сите граѓани ќе можат слободно да се движат, каде што капиталот слободно може да се префрли од една во друга земја, каде што идеите циркулират и придонесуваат за напредок и развој, е многу далеку за одредена група на граѓани. Европските културни вредности заостануваат и многу тешко се отргнуваат од националистичките политики особено во периодот на економска криза.

Останува само опцијата масовно да се реагира пред лицето на неправдата! Кој знае, можеби Ромите ќе почнат да ги блокираат граничните премини во државата, па ЕУ и Македонија ќе се освестат и ќе почнат да работат на имплементцијата на стратегиите и политиките за Ромите.

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

____________________________

[1] Истражување за вулнерабилноста на Ромите, УНДП, 2011 година достапно на http://europeandcis.undp.org/data/show/D69F01FE-F203-1EE9-B45121B12A557E1B

[2] Истражување: Баратели на азил од Западен Балкан, Иницијатива за Европска Стабилност, Истражување 2013 година достапно на http://www.esiweb.org/pdf/ESI%20Statistical%20Update%20-%20Balkan%20asylum%20seekers%20-%2015%20Feb%202013.pdf

[3] IBID

[4] Податоците се превземени од УНХЦР, Тренд на азилантите во 2012, достапно на http://www.unhcr.org/5149b81e9.html

[5] Податоците се превземени од пресметката на основните трошоци – Европска компарација достапно на http://stillhumanstillhere.files.wordpress.com/2013/04/home-affairs-select-committee-evidence-from-shsh-20-april-2012.pdf . Трошоците за Данска, Италија и Австрија се пресметани според методот на интерполација на средната големина, бидејќи не се располага со соодветна статистика.

[6] Податоците се добиени со множење на експлицитните трошоци и бројот на недели во текот на годината

[7] Податоците се добиени како процент на годинишните трошоци за азил во вкупните трошоци на државите

[8] Од вкупно 7782 апликации за азил од страна на македонските граѓани во ЕУ во 2012 година

[9] Тука во предвид се имаат сите азиланти од Република Македонија, не само Ромите, туку и останатите заедници – Македонци,Албанци, Турци и др, кои излезот го бараат надвор.

[10] Извештај за Транснационални Трендови: Имиграцијата во 2011 година, Маршал Фонд, САД, достапно на http://trends.gmfus.org/immigration/key-findings/

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]