Со воведувањето на плурализмот во Република Македонија ромската заедница стекна право да учествува и придонесува вo градењето на демократијата и политичко-правниот систем на државата. Практикувањето на демократската култура кај ромската заедница не се разликува од севкупниот демократски и политички амбиент во државата. Секоја демократска земја минува низ процес на имплементација на предуслови како што се: владеење на правото, високо ниво на граѓански и политички слободи, слободата на изразување, слободата на печатот како и слободата за формирање и учество во организации[1]. После 20 години на практикување на плурализам во државата, развојот на политичката култура во ромската заедница може да ја делиме на два периоди – пред и пост Охридскиот Рамковен договор. Според досегашните резултати и однесувањето на ромските политички партии евидентно е дека партиите не успеаа оптимално да ги искористат дадените можности произлезени од начелата на Охридскиот Рамковен договор.

Со измените на Уставот на Република Македонија од 2001 година преточените начела на Рамковниот договор се своевиден баланс при (ре)дефинирањето на конститутивните елементи на државата, кои освен поголемите заедници ја вклучува и ромската заедница. Ваквиот акт претставува афирмативна можност за ромската политичка елита, но од друга страна е исто така уставна заложба да се задржи мулти-етничкиот карактер на државата.

Во периодот од 1990 до 1998 Ромите формираа три политички партии додека во периодот од 2002 до 2006 се регистрирани уште 5 нови партии. Овој процес е контрапродуктивен за ромската заедница затоа што наместо да го окрупнува политичкото влијание произлезено од новите уставни измени, ромските политички партии влегоа во процес на фрагментирање на електоратот кој дополнително ја намали вредноста и влијанието на гласот на ромската заедница.

Развој на ромските политички партии

Република Македонија уште од осамостојувањето има мулти-партиска парламентарна демократија. Од 1991 во Македонија се појавуваат различни партии со различни идеологии. Иако во теорија Македонија има мулти-партиски систем, во практика постои двопартиски систем. Македонските партии во коалиција со Албанските партии ја креираат владата и опозицијата.[2] Во теорија етнички формираните партии можат да имаат различни идеологии. Во интерес на зачувувањето на идентитетот, вредностите и традицијата ромските партии би ги класифицирале како десно ориентирани партии, но исто така тие би можеле да бидат и лево ориентирани ако нивниот интерес е социјална сигурност, еднаквост и солидарност. Според потребите на ромската заедица партиите повеќе би биле лево ориентирани поради пристапот на левите политички партии кон социјалните политики кои се пофлексибилни и толерантни кон малцинствата. Формално е тешко да се одреди која е идеологијата на ромските политички партии затоа што нивните статути се тешко достапни до јавноста. Ова предизвикува недоволна информираност кај ромскиот електорат затоа што останува нејасно дали се подржува иделошка опција или лидер (поединец). Следнава табела го покажува хронолошкото појавување на ромските политички партии од 1990 до 2011 година.

Ромите во Република Македонија од 1990 година до денес имаат формирано 8 политички партии. Првата политичка партија “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР е формирана во 1991 година и лидер на истата беше г-дин Фаик Абди, а едни од неговите први соработници беа г-дин Неждет Мустафа и г-дин Шабан Салиу кој воедно во тој период беа и генерални секретари на партијата. “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР на првите Парламентарни избори го кандидираше г-дин Фаик Абди и истиот беше избран за член во собранието на Република Македонија.[3]

Во 1994 поради несогласување на тесното раководство во “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР се формира втората ромска политичка партија “Демократската прогресивна партија на Ромите” – ДППРМ[4] на која претседател беше избран г-дин Неждет Мустафа. Во 1994 година г-дин Фаик Абди повторно е пратеник во Собранието на Република Македонија, но сега придружуван со уште еден пратеник, г-дин Амди Бајрам, тоа резултира со 2 преставници во парламентот во 1994 година.[5]

Во 1998 повторно поради несогласување на раководството во “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР, се појавува третата Ромска политичка партија “Сојуз на Ромите од Македонијa” – СРМ на која како претседател се избира г-дин Амди Бајрам кој предходно беше дел од ПЦЕР. Истата година Г-дин Амди Бајрам по втор пат е претставник на Ромската заедница веднаш по самото формирање на “Сојуз на Ромите од Македонијa” – СРМ.[6]

Во 2002 година се појавува една нова политичка партија, а друга се преименува. Новата политичка партија е “Партија за единство на Ромите” претседателот на партијата e г-дин Алил Меваип[7]. Оваа партија се појавува на Парламентарните избори 2002 и на локалните избори 2005 година во Тетово. “Демократската прогресивна партија на Ромите” – ДППРМ се преименува во “Обединета партија за еманципација” на која останува претседател г-дин Неждет Мустафа.[8] Во 2003 по медиумскиот дебакл на г-дин Амди Бајрам и г-дин Шабан Салиу беше резултат на лидерското несогласување и регистрирање на нова политичка партија “Демократски сили на Ромите” – ДСР на чело со г-дин Шабан Салиу[9]

Во 2006 година се појавуваат две нови Ромски политички партии. Во истата година г-дин Бајрам Берат ја регистрираше “Партија за интеграција на Рoмите” – ПИР[10] додека пак, Г-дин Адем Арифоски од Прилеп ја формира политичка партија “Демократска унија на Ромите” – ДУР.[11]

Теоретска рамка

Во период од над 20 години, ромските политички партии не успеваат да се наметнат како конкурентни политички субјекти во македонското општество. Тоа е така затоа што тие се сеуште партии на лидери кои околу себе собираат зависни членови кои сакаат да решат некој егзистиционален проблем или потреба. Ромските политички партии најчесто коалицираат со партиите кои се во позиција поради можоста на членовите да добијат функции и работни места во државната администрација. Пазарењето со лидерите на ромските политички партии досега беше лесна задача за поголемите партии на позиција, и тој пазар неможе да резултира со повеќе од еден пратеник, еден или ниеден министер, еден или ниеден заменик министер и неколку директори на управи и раководители на одделенија.

Како најсоодветен начин за проверка на конкурентноста на ромските политички партии предлагаме да се користи Бихевиоралната теорија на конкурентни политички партии / (Behavioral Theory of Competitive Political Parties)[12] . Оваа теорија идентификува три модели на однесување во политичкиот натпревар на партиите:

  • модел во потрага на гласови,
  • модел во потрага на канцеларии и
  • модел во потрага на јавни политики

Моделот во потрага на гласови се употребува во најголема мера затоа што максимизирањето на гласачите е клучен елемент во целта партиите да бидат релевантен субјект при коалицирањето со поголемите партии. Овој модел ги поттикнува/охрабрува амбициите за моделот во потрага на канцеларии. Во однос на гласовите партиите се пазарат за канцеларии односно позиции кои се во можност да ги превземат. Неодамна ромските политички партии го употребуваат овој модел за да ги претставуваат интересите на партијата односно гласачите. Според калкулациите на владејачката партија, ромските политички партии добиваат канцеларии според дадениот придонес победата на владејачката партија. Овој модел има за цел да ја максимизира контролата на институцијата или позицијата која следи за ромска партија. Моделот во потрага на јавни политики се употребува за да го максимизира влијанието на партиите во јавните политики. Овој модел се аплицира ако партиите се во ист или сличен спектар на идеологии или јавни политики. Влијанието на јавните политики започнува од канцелариите превземени од страна на партиите така што, секоја партија која ја има контролата врз институција има можност да влијае врз спроведувањето на превземените јавни политики.

Сите горенаведени модели имаат свои предности и недостатоци. Праксата покажува дека ромските партии коалицирале со партии кои имаат различни идеологии, без разлика дали нивниот интерес, програма или идеологија се стреми кон истата цел. Секој од моделите нуди партиципација во претставувањето на граѓаните. Во периодот пред Рамковниот договор за да бидат дел од власта беа во моќ да коалицираат со партијата која има освоено најмногу гласови за да партиципира во влада. Во овој период ромите беа застапувани од 3 партии и истите беа насочени кон максимизирањето на гласовите и по некоја канцеларија без многу влијание во јавните политики кои се водеа во државата. Во овој период беше лесно да се купува гласови и да се манипулира со ромските партии.

Со потпишувањето на Рамковниот договор до 2006 година, Ромите добија нови 5 партии и поголема партиципација и влијание во владата но сепак незадоволително. Рамковниот договор иако беше инициран од друг фактор поради други околности и интереси, сепак претставува охрабрување и унапредување за ромските партии во Македонија. Во периодот на трендот за основање нови партии и препукување кој ги украде парите од Декадата, ромските партии не ја гледаа важноста на Рамковниот договор. Според договорот, најголемото малцинство во државата бараше процентуална дистрибуција на канцеларии како резултат на макзимизирањето на гласовите што ги добиле на изборите, а ромските партии ја играа улогата на лојални партнери и задоволни од тоа што веќе го добиле. Ако партијата со најголем број на гласови од македонскиот блок одлучи да дистрибуира канцеларии за партијата со најголем број на гласови од албанскиот блок тогаш голема е можноста да понуди место и за ромските партии. Пазарењето или како што повеќето мнозински партии го идентификуваат како “шутка политика” го прават за да покажат на својот електоратот дека се вработувачи. Ако ја искористиме теоријата за да го прикажеме придонесот на ромските политички партии во периодот од 2001 до денес, сликовито тоа би изгледало вака:

Партиите користејќи го Рамковниот договор станаа поголеми фактори во трката за владеење. Со цела мрежа на работни места и гласачи, ромските партии не се во можност да управуваат или да влијаат на јавните политки. Без разлика на политичкото убедување, партиите се согласуваат да коалицираат и тоа покажа лош резултат во претставувањето на интересите на Ромите. Транзицијата и коалицирањето со различен профил на партии ја намалува можноста на ромските партии да делуваат во политиките затоа што не се во состојба да изгубат тоа што веќе им било понудено по изборите. Интересите на гласачите најефективно можат да се застапуваат ако партијата има влијание во донесувањето на одлуки во државата. Ако партија не влијае на политиките во полза на своите гласачи тогаш таа го губи кредибилитетот и репутацијата како сериозен политички субјект.

Трендот во изминатите години е секогаш ромските партии да влегуваат во коалиција со македонски политички партии. Се поставува прашањето зошто ромските партии несакаат или не се заинтересирани за коалицирање со албанските политички партии. Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево се градовите во кои живеат голем број на албанско население резултатите покажуваат дека во овие 4 градови последователно албанец е избран за градоначалник. Борбата воглавно се води помеѓу албанските партии речиси секои избори е доста неизвесно во изборот кој ќе биде избран за градоначалник и мнозинство од советниците се од албанска националност. Ромскиот глас според нас може да биде одлучувачки во овие градови, но ромските политички партии не се заинтересирани или пак несакаат да се позиционираат на албанската страна. Доколку ромските партии би знаеле како да преговараат би можеле многу повеќе да извлечат од еден советник во една локална заедница. Со ова ромските гласови не би оделе само за да изгласа еден советник туку напротив би оделе за многу повеќе од еден советник кој не би можел многу да направи за заедницата помеѓу големиот број на албанци и македонци во советот на градот. Во горенаведените градови на локално ниво Ромите би можеле да партиципираат во донесувањето на политиките кои ја засегаат ромската заедница на локално ниво. Коалицијата со албанските партии воедно би донела и поголема застапеност на ромската заедница во локалните институции и покрај тоа што ромската заедница не е 20 % од вкупниот број на население во локалната заедница воедно едуцираните Роми врз основа на нивната професија би ја преставувале заедницата и би ги бранеле интересите на Ромите во локалните институции, а не да бидеме застапени само во Управата за Јавна Чистота. За сето ова да се оствари потребно е желба и знаење како да се преговара, моментално ова не е случај во ромската политичка сцена и се нема никаква желба за коалицирање со албанските партии.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1]Dahl, R.A. (1989). “Democracy and its critics”, New Haven: Yale University Press

[2] Daskalovski, Zidas, “Between the political convenience and equal opportunities” Association for Democratic Initiatices, pages  45 – 56, (2006)

[3] За прв пат Ромите основаат и добиваат пратенички мандат во собранието на Република Македонија http://www.sobranie.mk/?ItemID=3D515E1DA2319B44871AB2AB83AA3761

[4] Повеќе информации http://vlada.mk/clenovi/nezdet-mustafa

[5] Двајца претставници на Ромите во собранието на Република Македонија http://www.sobranie.mk/?ItemID=FC90D9689809BC4EBB2563F21D8312E5

[6] Повеќе информации http://www.sobranie.mk/?ItemID=20EE8BBFE4829E44A805F5F607473002

[7] Повеќе информации http://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/96/99282258?pageID=5

[8] Повеќе информации http://www.sobranie.mk/?ItemID=BF120A9A3A563549B20216BF4E4AB342

[9] Повеќе информации https://www.facebook.com/OpstinskaOrganizacijaNaOdsrGostivar/info

[10] Повеќе информации http://pir-mk.blogspot.com/

[11] http://www.netpress.com.mk/mk/vest.asp?id=4685&kategorija=7

[12] Рационалниот традиционален избор има генерирано три модели на однесување при натпреварот на политичкате партии. Партии кои бараат гласови, партии кои сакаат да имаат поголем број свои преставници во државната администрација и партии кои сакаат да учествуваат во креирањето и спроведувањето на јавните политики. / American Journal of Political Science – http://www.jstor.org/action/showPublisher?publisherCode=mpsa

Европа во 21 век се соочува со еден сериозен проблем наречен “баратели на азил”. Bизната либерализација овозможи поволности граѓаните на Република Македонија, но не и на Ромската заедница која живее во РМ. Во оваа контент анализа ќе може да прочитате повеќе како европските политики влијаат врз државите од третиот свет во која спаѓа и Република Македонија. Исто така, ке имате можност да согледате кои се главните предизвици со кои се соочуваат државите од третиот свет, но и Европската Унија и останатите институции  кои се во склоп на ЕУ.

Со Единствениот европски акт од 1986 година е направена важна пресвртница. Со Актот е предвидено (чл.8а, подоцна член 14 од Договорот од Амстердам)[1] создавање на единствен внатрешен пазар заснован врз четирите слободи, односно движење на:

  • добра;
  • капитал;
  • услуги и
  • лица

Слободното движење на лица на целата територија на Европската Унија без внатрешни граници, е кренато на рамништето на основна цел согласно имплицитната определба за создавање на соодветна правно-институционална структура којашто ќе го гарантира новото начело, со прифаќање на т.н. “компензаторни мерки”, како што е јакнењето на контролата на надворешните граници и градење на заедничка политика за азил и имиграција.

Почнувајќи од 1998 година, плановите на Европска Комисија и Советот на Европа сe да се раздвојват политиките за азил од политиките за имиграција. Воглавно се работи за два различни проблеми за чие решавање е потребно да бидат применети различки мерки. Со самото ова ЕУ го признава проблемот за кој и ден денес  сеуште неможе да најде заеднички концепт кој ќе и овозможи подобра регулација на барањата за азил, а воедно и ќе го намали бројот на лица кои би имигрирале во државите членки. Се почесто овој феномен се гледа како политички или економски проблем, во кој најчесто барателите на азил се појавуваат како жртви на политичко насилство во нивните земји. Во суштина проблемот е економски и претежно се однесува на преземање соодветни мерки за подобрување на условите за живот и развој во земјите кои лицата побаруваат азил.

Самото право на азил е уредено со директива од април 2004 година[2], која потпирајќи се на Женевската конвенција за бегалци создава минимална нормативна рамка за признавање на статусот на лицата како бегалци или лица на кои им е потребна заштита. Оваа директива сè уште не е во целост усогласена во делот на материјалното право на азил, но претставува прв значаен чекор во таа насока. Усогласувањето на постапката за азил е предмеt на директивата, која содржи минимални норми за признавање и непризнавање на својството на бегалци и особено гаранции за начинот на постапување во една правна држава. Со другите правни акти се предвидуваат минимални стандарди на условите за членство, кои обезбедуваат и пристап до медицински третман, образование и (ограничено) вработување.

Моменталната состојба во Европа кога се зборува за барателите на азил се почесто се гледа низ призмата на инстуционален проблем на Европската за кој сеуште  нема најдено рационално решение каде што државите членки се оставени сами да се справуваат со проблемот на азил. Тоа значи декае оставен простор за сувереност на држави членки да воспостават механизми со кои ке се обидат да го намалат побарувањето не азил надвор од своите држави. Сето ова води до заклучок дека само таканаречените “загрозени” држави во кои највеќе се бара азил се приморани да се справуваат со проблемот додека останатите држави не реагираат и не преземаат никаква обврска на оваа тема.

На 15 јули 2009 година, Европската комисија го усвои предлогот за укинување на визите за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година. На 30 ноември 2009 година, за време на Шведското претседателство со ЕУ, Министерскиот совет за правда и внатрешни работи донесе Одлука за либерализација на визниот режим на Европската унија за граѓаните на Република Македонија, преку измена на Регулативата 539/2001. Од 19 декември 2009 година, безвизните патувања ширум Европа станаа реалност за граѓаните на Република Македонија. [3]

Теорија на либерална меѓународна соработка

Меѓувладината соработка е институционален теоретски пристап и метод за донесување одлуки во меѓународните организации, каде што надлежноста се наоѓа кај земјите-членки и одлуките се донесуваат едногласно. Според Моравчик и Шимелфенинг; “Либералната меѓувладина соработка има стекнато статус на “основна теорија” во проучувањето на регионалната интеграција: од суштинско значење е прво да се намали образложението против другите теории со кои често се споредува”.[4]

Дел од земјите членки ја користат либералната меѓународна соработка со цел да се оградат од моменталните процеси кои се водат во останатиот дел од земјите членки на ЕУ. Ова придонесува до апстиненција на политиките на ЕУ без притоа да има заеднички закон кој би ги регулирал барателите на азил на еднаков начин. Само членство во ЕУ се базира на пренесување на дел од суверенитет. Тоа не е и дава можност на ЕУ да има целосно влијание врз државите членки односно и дава за право само да им предлага начини со кои тие би можеле да се справуваат или пак остава на самата држава да најде начин. Колку е тоа добро може да видиме од примерот на РМ која ја користи етничката припадност како основа за враќање на лицата кои сакаат да заминат надвор од РМ и покрај целосната документација која е предвидена со Шенгенскиот договор.  Притисокот кој го прави ЕУ врз Македонија придонесе до несоодветно однесување од страна на РМ кон граѓаните раководена од целта  за задржување на белата  Шенген листа за безвизно патување на македонските граѓани во ЕУ.

Република Македонија не е дел од процесот за донесување одлуки во неколку меѓународните институции туку е само набљудувач на процесот. Сепак нашите институции успешнолобирааво градењето на добри односи со ЕУ и секако усогласувањето на нашите закони во корелација со законите и начелата на Шенген. Република Македонија можеби ги има најдобрите закони во регионот, но имплементацијата на истите не е соодветна и не подлежи на санкции со кои би се регулирале законите.

Ендру Моравчик долго време е промотор на идејата дека рационално направените избори од страна на државите со цел да се унапредат нивните сопствени национални интереси е она што ги води кон европската интеграција.[5] Би се сложил со Ендру Моравчик само доколку Република Македонија реално цели кон националните интереси кои водат кон Европската Унија, а со тоа и кон европска интеграција. Дали е рационално е направен изборот РМ да биде дел од Шенген зоната треба да го бараме одговорот во ЕУ, но и во РМ. Сметам дека РМ влезе неподготвена со конкретни политики како да го спречи бранот на баратели на азил во западно европските земји иако тоа беше очекувано. Процентот од 28.8 %[6] според заводот за статистика на РМ е показател дека граѓаните ја напуштаат РМ поради незадоволството кое владее од моменталната економска состојба во која РМ се наоѓа, но и од политиките кои не ја водат РМ во таканареченето големо семејство ЕУ. Со оглед на овој факт многу Роми се одлучуваат да побараат азил затоа што во европските држави недостасува ефтина работна сила каде што еден германец не би работел за 500 евра, а веќе претходно вложил 30.000 евра на своето образование. Моето прашање е дали на Германија и е тешко да издвои 2 милиони евра за лицата кои бараат азил, а има буџет од 302 билиони евра[7]?

Со самото профилирање на ромската заедница на граничните премини се прекршува правото на слобода на движење, но не треба да се заборави дека воедно се прекршува и правото по етнички основ. Европската Унија неколку пати ја предупреди Република Македонија дека треба да преземат мерки да се намали бројот на баратели на азил во државите членки на ЕУ. Република Македонија неуспешно се справува и ден денес со тоа што ја прекршува Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.[8] Ова е показател дека Република Македонија цели да се придружи на големото семејство наречено ЕУ без соодветно системско решение за сиромаштијата на своите граѓани.

Демократски дефицит на ЕУ

Концептот на демократски дефицит во Европската Унија произлегува од фактот  дека на институциите на Унијата им недостига демократска одговорност и легитимитет, споредено со националните влади на земјите-членки. Дефицитот на демократија на ЕУ  како концепт се почесто станува предмет на многу автори кои расправаат за улогата и начинот на кој ЕУ се справува и со барателите на азил во државите членки на ЕУ.

Доктрината дека легитимитетот на Унијата потекнува од меѓувладината соработка, ги поставува националните влади како извор на легитимитетот. Според оваа теорија, Европската Унија не е федерална држава, туку е еден вид на интернационална меѓувладина организација и како и во сите организации од ваков тип и овде се применува правилото дека носители на легитимитетот на организацијата се земјите-членки. Оваа претпоставка резултира преку зајакнувањето на улогата на националните парламенти.

Политиките за азил на ЕУ доаѓаат од страна на националните влади за кои сите тие гласаат во Европскиот Парламент. Тука се поставува прашањето дали сите членки се согласуваат и демократски се однесуваат кога доаѓа да се гласа за земјите од третиот свет или сето тоа е само колку да помине и да се има некоја политика и закон за нив како специјална група на држави. Одлуките кои се носат со мнозинство според мене, не оставаат простор за конзенсус каде што членките треба сите заедно да се согласат без притоа да остане јаз во донесувањето на одлуки. Толкувањето на политиките на азил исто така остава простор на земјите членки да манипулираат со истите. Моменталните политики кои ги имаат кон државите од третиот свет покажуваат дека тие не се доволно заинтересирани и се однесуваат неодговорно со што придонесуваат проблемот да се максимизира со тоа што покажуваат со прст кон земјите од третиот свет дека тие не се доволно спремни да го решат проблемот на азил.

Во политичкиот систем на ЕУ, Парламентот не може да донесе акт со кој Советот на министри нема да се сложи. Нивните улоги во оваа процедура се изедначени. Дури Советот на министри има право на законодавна иницијатива во некои области, а во некои области и самостојно одлучува. Овој систем ги понижува националните законодавни домови. Министрите играат двојна улога- тие се истовремено и законодавна и извршна власт, на тој начин маргинализирајќи ги како домашните парламенти така и Европскиот Парламент.

Државите и граѓаните на ЕУ се заложници на волјата на Комисијата, која комотно може да го одложува донесувањето нови правни акти. Правото на поднесување законодавна иницијатива мора да биде проширено на останатите институции- Парламентот, Советот на Министри како и на група граѓани. Моментално, монополот врз ова право и дава премногу голема улога на бирократската структура. Процентот на излезеност на изборите за состав на Европскиот Парламент е за цели 20% помал отколку процентот за излезеност за изборите за состав на националните парламенти[9]. Притоа, гласачите го користат својот глас не за да гласаат ,,за’’ или ,,против’’ политиките кои се водат на европско ниво, туку со својот глас тие ги наградуваат или казнуваат локалните политики. Партиите кои се на власт во земјите-членки губат гласачи на изборите за Европскиот Парламент, додека опозиционерските партии добиваат. Верувам дека доколку се подобри позицијата на Европскиот Парламентот ќе се промени и ставот на јавноста кон оваа институција која  ќе добие многу поголема моќ и ќе се претвори во вистинско претставничко тело на граѓаните. Иако со Лисабонскиот договор[10] значително ја промени улогата при донесување на легислатива, со право на вето. Сметам дека тоа не е доволно треба да се земе во предвид и улогата на граѓаните. Со тоа што ќе им се даде до знаење дека во предвид се земаат мислењата и барањата на граѓаните.

Заклучок

Притисоците кои се прават врз државите во однос на барањето на азил од страна на ромската заедница пред се треба да биде разбран на егзистенционален проблем кој во суштина е од хумана природа. Ромите не би ја напуштиле РМ доколку би ги имале основните услови за живот. Тоа подразбира задоволување на основните човечки потреби за достоинствен живот и односи со другите заедници . Дали социјалната помош на едно четири-члено семејство од 2000 денари месечно ее доволно за опстанок  останува вие самите да одговорите.

Институциите  во склоп на Европската Унија постепено ја губат довербата на граѓаните а незадоволството е се поголемо. Сегашните политики за азил не се соодветни односно се прави двоен притисок кон ромската заедница од страна на нашите институции и од ЕУ членките кои собираат политички поени пред избори на оваа тема со уцени дека  ќе го вратат визниот режим на државите од Западен Балкан. Притоа нема разбирање и солидарност за да се излезе со конкретно решение и даде можност на државите кандидати  да развијат ефективни социо-економски политики преку кои граѓаните би биле задоволни од условите за живеење во матичните држави и притоа не би барале азил во европските држави.

Оставањето на простор европските државите каде што најмногу се побарува азил сами да наоѓаат решение  не е рационално и не води кон решавање на проблемот. Потребно е и останатите земји членки на ЕУ кои не се во целост засегнати со проблемот на азил да го покренат прашањето и да го вметнат во агендата на ЕУ. Со што ќе може да се регулира односот на државите кон барателите на азил. Исто така треба и јасно да се дефинираат барањата за една земја да биде дел од Шенген зоната. Биометриските пасоши и законите на хартија не треба да гарантираат дека една земја може да дел од Шенген зоната. Треба да се земе во предвид имплементацијата на законите и регулативите, но и социо-економската состојба во која се наоѓа една земја. Ако земеме во предвид дека ЕУ се залага за интеграција на ромската заедница самиот чин на правење притисок врз институциите и политиките на РМ за  враќање на Ромите од граница не води до никаква интеграција.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1] За повеќе информации:  http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:L:1987:169:FULL:EN:PDF

[2] За повеќе информации: http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:L:2004:304:0012:0023:EN:PDF

[3] За повеќе информации:  http://www.mfa.gov.mk/?q=node/147

[4]За повеќе информации:  Moravcsik, A., Schimmelfennig, F. (2009) Liberal Intergovernmentalism. In: Diez, T., Wiener, A., (2009) European Integration Theory, Oxford: Oxford University Press pp. 67 – 87

[5] За повеќе информации:  Moravscik, Andrew and Nicolaïdis, Kalypso. “Explaining the Treaty of Amsterdam: Interests, Influence, Institutions.” Journal of Common Market Studies 37, no. 1. (March 1999): 59-85.

[6] За повеќе информации: http://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=98

[7] За повеќе информации: http://www.bundesfinanzministerium.de/Content/EN/Standardartikel/Topics/Focus_on_Germany/Articles/2012-11-23-bundestag-adopts-2013-federal-budget.html

[8]  За повеќе информации:  http://www.pravda.gov.mk/oglasi/strazbur/Konvencija_za_covekovi_prava.pdf

[9] За повеќе информации: Hix, Simon “The EU as a new political system”, 2007

[10] За повеќе информации:  http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:C:2007:306:FULL:EN:PDF

Според дефиницијата за граѓанско движење секој обид на луѓето да се организираат преку идеологија и да постигнат одредени цели се смета за граѓанско движење. Ова значи дека  секој обид на формално или неформално организирање на Ромите преку одредена идеа и постигнување на одредени интереси се смета  движење.  Важно е да се спомене дека секое социјално движење има свој животен циклус: тоа се создава, постигнува успех или неуспех и на крајот, преминува во нешто трето или  престанува да постои[1]. Се претпоставува дека посериозните обиди за создавање на ромско движење започна на почетокот на 90-тите години со само-организрање на ромските активисти преку формирање на невладини организации. Иако во прво време големиот број на активисти личеше на своевидна елита овој процес донекаде остана недефиниран и дискутабилен пред и се бидејќи овој процес сеуште трае. Обидите за создавање на Ромска Унија и првичните идеи на само-дефинирање се сеуште актуелни и како такви се земени во предвид во оваа анализа.

Почетоците на ромското движење гледано низ историска перспектива може да се сметаат од 1971 година со одржувањето на Првиот Ромски Конгрес и создавањето на Ромската Унија. Подигнувањето на т.н. “ромско движење” предизвика значителна промена во однесувањето кон Ромите во општеството. Може слободно да се каже дека пред тоа справувањето со политичката и социјалната реалност и судбина на Ромите беше дефиниранa од “надвор” од страна на разни системи на моќ и мнозинското население. 

Мотивацијата за еднаквост и социјалнo признавање во голема мерка беше резултат на промената во начинот на кој Ромите се занимаваа со својот идентитет. Асимилацијата на Ромите од страна на мнозинското население и самоодрекувањето главно поради стравот јавно да се декларира да се биде Ром, беа заменети со јасна поддршка и прифаќање на ромската култура и идентитет. Интеграцијата веќе не требаше да зависи од губење на културниот идентитет. Ромите побараа да бидат признати и почитувани од општеството како Роми. Заедно со политичките барања имаше обиди да се опише историјата и културата на Ромите од внатре и да се  направи достапна и за не-ромите. Лондонскиот конгрес предизвика да се зајакне организирањето низ целиот свет што резултираше со формирање на повеќе активни граѓански ромски организации во и надвор од Европа. Важен чекор за иднината беше основањето на Меѓународната Ромска Унија во која членуваа делегати од голем број на држави.

Ова имаше позитивни ефекти врз градењето на самодоверба на целото движење. Покрај тоа во периодот меѓу третиот и четвртиот конгрес се унапреди заштитата на националните и малцински права во неколку земји. Меѓународната Ромска Унија на неколку средби со претставници од различни институции на ОН, УНЕСКО, Советот на Европа и Европската Комисија ги дискутираше ромските прашања кои за жал беа не вродија некој посериозен успех. Во меѓувреме Меѓународната Ромска Унија стана членка на повеќе организации на УН и Советот на Европа.

За подобро разбирање на специфичностите на ромското движење, оваа анализа се заснива врз концептот и  перспективите на етничка мобилизација. Секако дека ромското движење може да се анализира со други теории зависно од целта и намената на анализата, но сепак моите согледувања на доминација на националните белези и самодефинирање на ромскиот идентитет го прават апликативен и е еден од можните пристапи за анализарање на досегашното ромско движење.

Теорија на етничка мобилизација

Етничката мобилизација е процес во кој групите се организираат околу некоја карактеристика на етничкиот идентитет (на пример, бојата на кожата, јазик, обичаи,..) кои се во потрага за колективни цели. Културниот аспект на теоријата за етничка мобилизација ја истакнува улогата на културата во процесот на етничкото мобилизирање. Со други зборови, оваа теорија вели дека членовите на една етничка група споделуваат заеднички вредности и морален норматив, а со тоа го одредува моделот на групата за етничка мобилизација. Според Schöpflin (2005) етничките групи ги користат инструментите на културната репродукција како што се облека, јазик, симболи, ритуал и така натаму за да ја потврдат својата заедница. Се претпоставува дека припадниците на една иста етничка група ќе имаат некој вид на природна врска поради нивната заедничка култура. Во овој контекст јасно е дека Ромите имаат иста култура, јазик, историја што наведува на идејата дека имаат заедничка врска и интерес за да се мобилизираат. Во класичен смисол ова може да биде вистина кај другите заедници, но не и и кај ромското мобилизирање. Како причина за ова се повеќе фактори: прво, идентитетот и дефиницијата за малцинство. Иако терминот Роми беше официјално прифатен на Првиот Ромски Конгрес во Лондон, многу ромски подгрупи одбиваат да се декларираат како Роми поради репресија, дискриминација или едноставно сакаат да бидат асимилирани. Варијацијата на ромски групи исто така прави потешкотии во идентификацијата како “една група” како и варијацијата на јазикот и усвојувањето на различната култура на државите во кои тие живеаат.

Една друга перспектива зборува за “реактивна етничка припадност” што тврди дека подемот на етничка мобилизација е побарана од страна на нееднаквата поделба на ресурсите по етнички линии. Но, ова се применува повеќе за територијално етнички идентитети, како што се наведува од балканските примери кога малцинствата имаат желба за територијата тие, најверојатно, ќе ги постигнат своите цели, без разлика дали тие ке заземат територија или не. За подобро разбирање на желбата за територија во овој поглед значи само идеологија не е потребно средство како конфликт за стекнување на територија[2]. Идеологијата на ромското движење никогаш не покажа интерес за стекнување територии туку напротив во повеќето случаи започна со дефинирање на своите основни симболи и решавање на проблемите преку соработка со националните влади и меѓународните организации.

Друг пристап во теоријата на етничката мобилизиција е перспективата на политичка партиципација. Оваа перспектива се смета за важна затоа што активностите на оние кои себеси се претставуваат како лидери на Ромите подразбира вложување на ресурси, нивна способност јавно да ги изнесуваат и заштитуваат интересите на Ромите и секако нивните обиди да добијат што е можно по масовна поддршка. Лидерите се важен фактор во мобилизацијата на луѓето односно идентификацијата со лидерот е неопходен услов за градење на доверба. Досега познато е дека Ромите (уметници, актери, активисти) беа перцепирани како лидери иако тие не поседувале лидерски вештини. Политичкиот процес има потреба од два дополнителни елементи: можност за поставувањ ена политичка структура и рамка.[3] Можноста за политичка структура значи институционална структура на државата во одредувањето на моделите на мобилизација. Таа се однесува на политичките услови во кое движењето мора да влезе, кога станува активно. Во овој термин ромското малцинство не беше признато од страна на државите до 90-тите години па често во некои земји националните малцинства дури и ден денес не постојат. Друг факт е дека за време на комунистичкиот режим ромското движење беше забрането. Југославија беше учесник на Првиот Ромски Конгрес во кој ромските лидери  се обидоа да го организираат меѓународното движење меѓутоа наидоа на забрана од страна на Тито.

”Ние може да кажеме дека можности не постојат додека не ги воочиме, дека интерес не постои додека не го дефинираме, изборот не постои се додека не се именува. Кога активистите сакаат да формираат движење тие треба да се занимаваат со прашања поврзани со интерпретација и значење. Пред движењето може да стои успешен активист кој треба да укажува на можностите, да дефинира интереси и именува избор со цел да креира разбирање на јавноста и да ги убеди луѓето да се приклучат или да го подржат нивното движење.” (Jane Jenson, 1998:5)

Се цел да се мобилизира група, активистите треба да привлечат внимание на потенцијални членови на групата за одреден проблем, но и да го објасни тој проблем и понуди начин кој дозволува да се дејствува со колективни акции. Капацитетот на активистите да привлечат внимание помеѓу Ромите е многу мал. Прво, иако тие се соочуваат со слични проблеми капацитетот на активистите е ограничен затоа што тие не се толку мотивирачки со што ќе ги натераат на луѓето да учестуваат во движењето. И второ, Ромите кои се подобро ситуирани во општеството многу често забораваат на овие проблеми и не се идентификуваат во таа кошница.

Теоријата на етничка мобилизација смета дека Ромите се група на маргините од општеството што се карактеризира со силно чувство на етничкиот идентитет. Иако постои одредено несогласување помеѓу академската јавност за тоа како точно да се разбере природата на ромскиот идентитет скоро сите научници се согласуваат дека овој идентитет е моќна алатка за мобилизација.[4] Ромскиот идентитет е главно важен бидејќи придонесе за општото разбирање на Ромите како една група и на тој начин предвидува активизам со рамка за политичка акција.

Мојот став

Ромскиот идентитет се повеќе се прифаќа како политичка реалност додека етничката мобилизација паралелно продолжува да биде важен канал за политичкото изразување. Затоа зајакнувањето на идентитетот помеѓу различните групи на Ромите во иднина ќе помогне да се идентификуваат и да  мобилизираат повеќе луѓе. Новата генерација на едуцирани Роми кои имаат позиции во владите, невладините организации како и студентите кои успеваат да се здобијат со организациски и лидерски вештини играат клучна улога во иднината на ромското движење. Потребата за единство и дефинирање на стратешки цели и тактики ќе го одреди идниот успех. Ромската дијаспора меѓу државите расте, како и бројот на Роми кои мигрирале во Европа, тоа е феномен кој може да го смени текот на финансирањето на ромското движење во нова димензија и квалитет.

Гледањето и прикажувањето на проблемите со кои се соочуваат Ромите исклучуво низ призмата на етничката припадност не е без опасности. Тоа може да привлече внимание на овие проблеми, а со тоа би можело да ги охрабри  Ромите да почнат се повеќе да се приклучуваат во политички и граѓански акции и да обезбедат инструменти преку кои ќе можат да помогнат да се промени нивната исклученост од општествено-политичкиот живот.

Медиумите и технологијата, особено интернетот се дел од новиот тренд на посредување при мобилизирање. Сведоци сме на неколку падови на режими во неколку африкански држави кои воглавно почнаа да се организираат преку новите масовни медиуми со што се покажува како успешна алатка за организирање група на луѓе кои имаат заедничка цел и сакаат да ја остварат преку мобилизирање. Сметам дека овој тренд може да искористи при мобилизирање на ромската заедница особено кај помладата генерација на Роми кои се доста активни по социјалните мрежи како Facebook и Twitter, но воедно и не-ромите да се приклучат кон ромското движење за сето ова потребно е многу јасна цел во која насока сакаме да се движи ромското движење. Со оваа компонента на мобилизирање ромското движење би било видливо во секоја држава. Кога би ни било за цел да направиме огромен протест преку кој ќе го искажеме незадоволството за тоа како сме третирани ќе предизвика бурни на реакции во Европа. Затоа сметам дека оваа компонента би можело да биде од огромна помош за ромското движење.

Се очекува да продолжи градењето на ромското движење со новата генерација на млади едуцирани Роми. Во нив е вложено труд, време, финански средства и претходни искуства кои ги прават поспремни да се носат со тековните проблеми и потреби на ромската заедница. Повозрасната генерација очекува овој потенцијал да биде соодветно искористен и обезбеди континуитет во продолжувањето на колективните цели и интереси на ромското движење. Засега има различни ставови за ромското движење во смисол дали навистина постои и кои се неговите цели. Според мене нашето ромско движење има свои особености и вредности и како такво има легитимно право да се само-дефинира односно не позајмува концепти од другите граѓански движења. Тоа секако е движење кое сеуште се гради и надградува преку повеќе генерации на активисти и секако дека има свој континуитет и колективна меморија. Прашање е на време и квалитет на генерациите кои доаѓаат за да покажат соодветна политичка и колективна зрелост за превземање на одговорноста во свои раце.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1] Sidney Tarrow, Power in Movement: Collective Action, Social Movements and Politics, Cambridge University Press, 1994

[2] The Romani movements, Minority Politics and Ethnic Mobilization in Contemporary Central Europe, Peter Vermeersch, page 34-35

[3] Ibid p. 39

[4] Ibid p. 40

Една од многуте антрополошко политичките теми е изучувањето на историјата на нациите, нивната посебност во културата и идентитетот. Европските народи низ историјата опстојувале и надминувале предизвици зачувувајќи го својот суверенитет и територија. Функционирањето на субјективниот политички свет зависи од интересите на државите и моќта за доминација во меѓународната сцена. Ромите како нација се населуваат во европскиот континент во XII век[1] без можност и тенденција за територијално унифицирање, со своја различна култура и идентитет од европската. Додека “белиот” континент континуирано низ историјата се развива, групите на народи се унифицираат во нации заштитувајќи се низ своите национални држави и културолошки се унапредуваат за заедништво и обединување, ромите како и сите други народи коишто се населиле како “другите” во веќе конструираните национални држави морале да се приспособат на условите поставени од страна на мнозинството.

Овoј текст има за цел да ги анализира и деконструира концептите на формирање на нација, културен развиток и идентитет со осврт на ромите во процесот на создавање на повеќедржавна нација со унифицирана култура и идентитет. Исто така ги претставува и аргументира фактите и литературата кои ја креираат нормативноста на широко прифатените разбирања за горенаведените концепти.

Во првиот дел на овој текст се анализираат темелните концепти на национална креација на државите поткрепени со емпириски примери на национални држави кои низ историјата ја стандардизираат својата територија врз основа на теоријата базирана на етнос и демос како источно европско и западно европско креирање на државите. Во продолжение на првиот дел исто така се анализира миграцијата на ромите, политичкото организирање и “ромството”. Во вториот дел се анализираат темелните концепти на културолошката стандардизација во предложена рамка [културен почеток (потекло); културна зрелост; културен екстремизам] со емпириски примери од европските култури со рефлексија на ромската култура од миграцијата до 1971. Третиот дел се базира на алатки кои го евалуираат идентитетот и креацијата на идентитетот врз основа на предрасуди, генерализација на индивидуални искуства, медиумите и едукативниот систем како неизбежни и најмоќни генератори на описи коишто се прифатени како “стандардни”. Во продолжение на третиот дел следи деконструкција на идентитетите [Цигани и Роми]. На крајот од ова дело следи заклучок во кој се сумирани главните аргументи во рефлексија на ромите.

Креација на нации и национални држави

При дефинирањето на нациите и државите пред ерата на модернизмот[2], дебатата се насочува кон главното прашање кое има за цел да ја олесни класификацијата на народност и националност, што е конструирано порано, дали државата и територијата како политички актер или народот односно народноста со своите карактеристики (традицијата, обичаите, идеологијата и др.)[3]. Идејата за создавање на национални држави паралелно се развива во модернизмот и е една од водечките идеи за дефинирање на денешните нации[4].

Во рамки на Европа постојат два вида на конструкција на модерните држави кои се темелат на етнос и демос или на културно унифицирани и политичко унифицирани држави[5]. Според поделбата на Џон Пламенац постојат источно европско и западно европско формирање на држави. Во западно европското креирање на држави најчест пример се реферира позицијата на Ерик Хобсбаум и создавањето на Франција како модерна држава. Според неговиот концепт, територијата го создава идентитетот и нацијата. Пред да постои Франција како држава, постоеле народи кои се унифицирале со креирање на националната-државата, различните народии религии во Франција се идентификуваат со една националност[6]. Франција какои други западно европски држави претставуваат пример за креација на држава врз основа на демосот односно од различни народи (племиња) кои заедно ја создаваат државноста, граѓанството и постоењето на националност. По овој пример западно европските држави се креираат во различен период со сличен метод низ историјата.

Од друга страна, источно европскиот концепт на национални држави се базира на етносот односно народноста на луѓето кои се идентификуваат со заедничката култура, митови, фолклор и др. Поимот народност е исто така конструкција на источниот блок, односно комунизмот како режим кои ги класификува народноста (народно административна група) и националноста како различен интерес со цел за еднаквост и единство на државата како политички актер[7]. Концептот на источно европско креирање на држави е елабориран од страна на Ерик Хобсбаум и Џон Пламенац се поврзува со миграцијата на старите Словени од карпатите низ целиот источен дел на Европа[8]. Формирањето за национални-држави во Источна Европа се базира на народите кои делат сличен концепт како западно европските држави но со поголем акцент на заедничкото потекло и единственоста (етноцентричноста и доминацијата) на народот во рамки на територијата каде што се населиле. Старите Словени по населувањето низ територијата на Источна Европа ги формирале своите држави а воедно и националности.

Дистинкцијата на eтнос и демос во Европа сеуште постои а народите кои се дел од националностите во државите се сеуште во потрага на заеднички живот. Во големиот бран на населување и креирање на националности, се бележи дека ромите веќе мигрирале во XII век во Европа. Ромите се народ кој има индиско потекло и заедничка историја која започнува од големата имиграција од Канауч, Индија се до Европа и другите континенти[9]. При мигрирањето во државите каде што веќе европските националности биле развиени, ромите како народ не биле добре дојдени поради расното профилирање во “белиот континент”. Ромите иако не биле доволно свесни за своето потекло и заедничка историја никогаш не претендирале за територијална унификација и националност во Европа. Веќе во ерата на модернизмот[10], кога териториите биле дефинирани а и народите развиени, ромите биле распостранети низ целиот континент без политичка, културна и економска агенда за својата идентификација, додека пак европските државите веќе го развиваат процесот за изградба на нација и заедничко обединување. Ромите низ историјата, посебно во ерата на европските царствата, биле асимилирани и служеле како робови се со цел да не бидат протерани од териториите каде што се населиле но и да бидат дел од европските народи кои ја сочинуваат државноста на истите[11].

“Ромството” или ромското движење започнува со одржувањето на првиот ромски конгрес во 1971 година во близина на Лондон (Орпингтон) каде што присуствувале 23 претставници од 9 држави[12]. Најголемите достигнувања во ромското движење се токму во првиот конгрес каде што за прв пат се дискутираат социјалните проблеми на ромите, образование, јазик, култура и воените злосторства. На првиот конгрес исто така е усвоена химната “Gelem Gelem” од страна на Жарко Јовановиќ, знамето кое ќе ги претставува ромите како национален симбол и употребата на терминот “Ром”[13] (на ромски јазик “човек”). Покрај првиот конгрес, следеа уште 7 (вкупно 8) конгреси на кои се дискутираат главните проблеми со кои се соочуваат ромите во Европа. Исто така се етаблира Меѓународна Ромска Унија, која повика за препознавање на ромите како национално малцинство во европските држави, се усвои декларацијата на Ромската не-територјална нација и акционен план за изградба на ромската нација[14]. Со оглед на развојот на настаните и континуираната историска пресија од страна на европските народи станува јасно дека глобалните трендови и центри на моќ го намалија значењето и политичкото влијание на конгресите. “Ромството” после добриот старт во 1971 од крајот на 80-тите почна да го губи колосекот на заедничко делување и единствена европска агенда на ромите како транс-национална заедница. Универзалноста на ромите како идентитет застапен во речиси сите европски држави ја отежнува видливоста и агендата на народот затоа што ромите се малцинства во сите држави а демократијата е игра со бројки. Денес, ромите како идеално решение го сметаат колективното застапување коего остваруваат преку институции од невладин карактер додека пак на индивидуално ниво, ромите имаат свои претставници во владини тела и пратеници во легислатива кои не ги познаваат интересите на својот народ или работат за максимизирање на персоналните интереси во прв план. Во очекување на подобар и стабилен живот ромите се надеваат дека Европската Унија ќе реагира односно ќе ги вклучи ромите во процесите и високите политики на Унијата. Сепак ромите секогаш биле жртвено јагне за неуспехот на европските политики насочувајќи ја вината преку медиумите[15] кои повторно, хранејќи ја јавноста со стереотипи и предрасуди, прават обид да ги оправдаат неуспесите на политиките кон ромите.

Креација на култура и културни нивоа

Со цел да се елаборира поимот култура и елементите кои ја создаваат културата и културните специфики, во науката постојат повеќе дисциплини и правци кои ја дефинираат културата. Културата како поим во овој текст се анализира со цел да ја олесни компарацијата помеѓу европските народно стандардизирани култури и ромската култура. Поимот култура најчесто еупотребуванод страна на антропологијата и академиците кои започнале да го конструираатразбирањето на поимот. Едвард Тајлор, еден од првите научници кој влијае врз дефинирањето на култура, ја дефинира културата како комплексна целина која ги вклучува знаењето, верувањето, уметноста, правото, моралот, обичаите и други навики на човекот како дел од една заедница[16]. Оваа дефиниција претставува една од првите обиди да се стандардизираат спецификите на народот во една целина која ќе го олесни разбирањето на културата. Низ социјалниот развиток во XIX век, Херсковиц[17], Мид[18] и Малиновски[19] тогашни врвни антрополози го редефинираат поимот и се базираат на артефакти, обичаи и однесување на членови на заедницата.

Со понатамошното анализирање на поимот и елементите, авторите продолжуваат да ја стандардизираат културата од когнитивен, филозофиски, политички и други аспекти. Модерната и широко прифатена дефиниција на културата ја темели Вилијам Хавиленд[20] како збир на правила или стандарди кои, кога се постапува од страна на членовите на општеството, резултира со однесување кое потпаѓа во рамките на соодветнo и прифатливо од страна на другите членовите од општеството. Во други зборови, културата не се реферира само на однесувањето на членовите како единечен елемент, туку вредностите и верувањата на членовите кои го генерираат тоа однесување. Исто така и интернационалните институции како што е УНЕСКО ја стандардизираат употребата на поимот култура[21]. УНЕСКО поимот култура го дефинира како збир на специфични духовни, материјални, интелектуални и емоционални особини на едно општество или општествена група, која покрај уметноста и литературата ги вклучува и начинот на живеење, заедничкиот соживот, вредносните системи, традиции и верувања. Погоре наведените дефиниции се само еден мал дел од широкиот опсег на дефиниции од научници кои што се занимаваат со изучувањето на кулутрата како социјален феномен присутен кај народите.

Секој народ признат во една држава поминува низ 3 фази на културен развиток и тоа:

  • културен почеток (потекло) развивајќи ја државноста го стандардизира обединување на народот и заедничките цели, вредности и интереси,
  • културна зрелост која претставува фаза на агрегатни широко прифатени сетови на вредности кои ги уредуваат начинот на живот и секојдневното функционирање (познато како “прифатливо” однесување на член во групата) и 
  • културен екстремизам кој претставува фаза на супериорност кон другите, неприфатливост кон различните култури и предрасуди кон “нечистиот” народ присутен во истата територија

Европските народи фазата на културен почеток ја започнаа во ерата на ренесансата. Ренесансата како период понуди развој во повеќе сфери, но најголемиот развој се бележи во уметноста, книжевноста, науката, религијата и самосвеста[22]. Овие атрибути ја сочинуваат културната револуција низ Европа и фазата на културен почеток. Британската гордост за Вилијам Шекспир, Француската за Пиер ду Росард, Италијанската за Леонардо да Винчи се само дел од големата палета на луѓе што се познати како креатори на културните вредности на европските народи. Транзицијата од фазата на културен почеток во културна зрелост се спроведува преку неколку последователни европски движења.

Фазата на културна зрелост, европските народи ја развиваа веднаш по револуцијата што ја предизвика ерата на ренесансата. Романтизмот, реализмот и раниот модернизам претставуваат периоди кога европските национални-држави веќе го унапредија нивото на своите сплотувачки вредности и развиваат чувството на припадност. Во овие периоди големо внимание се посветува на етносимболизмот и агрегирање на народот во заедници креирајќи ги јазикот, историјата, традицијата, симболите, обичаите легендите и митовите[23]. Културната зрелост како период во историјата се смета за најголемиот двигател затоа што народите добиле можност за унификација на заедничките вредности на луѓето од исто потекло кои ги сплотува во една територијата.

Културниот екстремизам како трета фаза на културен развиток, претставува фаза на наметнување и супериорност на идентитетот. Како противтежа на супериорноста на нациите во Европа која се развивала уште пред Првата светска војна, Европската Унија го претстави Европскиот идентитет и заедништво на народите за заеднички прогрес[24]. Од една страна, Европската Унија го намали интензитетот на супериорност и доминација на големите национални држави и иницира заедничка кооперација за да ги одбрани принципите на Унијата, но од друга страна, европската криза и големиот бран на имигранти, ја зголемија нетрпеливоста и незадоволството во сите европски земји. Евроскептицизмот во европските држави го достигнува врвот додека екстремно националистичките партии добиваат повеќе доверба од народот и креираат наратив кој се поврзува со “чистотата” и потеклото на народот[25].

Културното богатство на ромите останува мистерија за многу етнографи и културолози. Големата миграција на ромите во XII[26] век предизвикува потрага за постојан дом и адаптација на културните вредности со мнозинството во државите каде што се населиле. Процесот на адаптација и соживот со мнозинството се бележи како долг и нецелосен поради етноцентричноста на европските народи како сопственици на територијата во која што живееле. До перидот на Првата светска војна ромите мигрирале во Европа и биле поделени според нивните традиционални занаети. Ковачи, Џамбази, Калдераши, Кале, Синти, Ромунгро и други групи на Роми добиле имиња како резултат на поделба помеѓу нив според нивните занимања[27]. Вештите Роми кои имале занает биле прифатени од мнозинството поради нивната продуктивност во државите каде што се населиле. Во периодот до Првата светска војна, ромите биле воглавно населени во повеќе европски национални држави и биле сегрегирани.

Во 1907 за прв пат се бележи поимот “Цигански политики”, кој се однесува на сегрегираните кампови за Роми, каде што морале перманентно да работат и живеат [28]. Веќе во 1926 се воведува “Циганскиот индекс” кој што се однесувал на ромите кои живеат во Австрија. Федералната полициja во Ајзенштат, Австрија[29] го воведува овој систем и ги евидентира сите Роми со нивни отпечатоци. Овој систем бил воведен поради честото мигрирање и ограничување на ромите во кампови кои живеат во Австрија[30]. Оваа практика била широко прифатена и имплементирана од другите држави за “чистотата” на територијата. Во овој период ромите биле оневозможени да ги практикуваат своите културно-симболични вредности поради доминантноста на мнозинството во државите каде што биле населени. Во периодот до Втората светска војна, ромите биле третирани како робови, ограничени и евидентирани како криминалци или потенцијални девијанти на општото добро во Европските национални држави. Во периодот на Втората светска војна, ромите се соочуваат со најсвирепиот третман и геноцид во рамките на Хитлеровиот Рајх. Ромите до 1971 година не добиле начин да се организираат и да ги унифицираат своите вредности како нација која што живее во Европа.

Ромите како народ, сеуште не се во ситуација да ги поминат трите нивоа на културен развиток поради колатералната штета, агонија и тортура која била нанесена со векови врз нив како поделен и разнобоен народ. Историски, за ромите се бележи дека се народ кој се адаптира односно асимилира кон мнозинството и нивните вредности[31], тоа претставува процес којшто го иницира губењето на јазикот, традицијата, обичаите, симболите и др. Сепак, во надежна оралното пренесување на културните вредности на ромите од генерација на генерација останува како еден од најголемите извори за зачувување и опстојување на ромската култура. Исто така новите генерации се посветуваат на зачувување на идентитетот и исто така на историографијата, истражувањето и унапредувањето на знаењето за ромите.

Евалуација на идентитет и етикетирање

(базирано на предрасуди, генерализирање на индивидуални искуства, медиуми и едукативен систем)

Креацијата на идентитетот е процес кој се базира врз комбинација на прикажување и верување во културните вредностите како што се симболите, обичаите, јазикот, митовите и традицијата. Предрасудите (шегите) исто така, претставуваат една од најмоќните алатки за зајакнување на верувањата дека народот е таков како што ќе го претстават другите. Генерализирањето на предрасудите од секогаш претставувало забава но и конструкција која се смета дека е вистина и општо прифатена за определена нација[32]. Покрај предрасудите, генерализирањето на поединечни искуствата исто така претставува моќна алатка која се пренесува на луѓе коишто немале индивидуално искуство со таа нација. Посебно внимание добиваат медиумите и едукативниот систем како најмоќни алатки за креација на индивидуална слика за некоја држава, народ, регион и слично.

Атласот на Јанко Цветков претставува еден од доказите дека трендот на стереотипизација на нациите станува се поголем и поактуелен[33]. Овој атлас ги прикажува стереотипите од различни луѓе за сите можни држави во Европа. Покрај стандардните широко познати позитивни стереотипи за точноста на Швајцарците, дисциплината на Германците, чајот во 5 часот на Британците и љубовниот карактер на Французите, овој атлас ги прикажува негативните стереотипи за народите низ Европа врз основа на индивидуални искуства на креаторите на мапите. Покрај другите начини за креација на слика за народ преку интернет, овој начин станува “забавен” и “вистинит” за некои луѓе коишто немале интеракција со припадник на таа нација или бил во таа држава.

Медиумите и едукативниот систем пак претставуваат најмоќни алатки затоа што се константни и неизбежни креатори на јавното мнение. Изучувањето на историјата и индиректно на другите предмети во основното образование креираат наратив за учениците во кој што веруваат дека е вистинит без испитување на аргументите. Секоја држава има свои “непријатели” во текот на историјата и “непријателите” се прикажани како окупатори, узурпатори или барбари. Ваквите ставови и пишан текст се пренесува генерациски и претставува “стандардна вистина” за масата која поминала низ едукативниот систем. Од друга страна медиумите се неизбежни и постојани во конструкцијата на реалноста и стереотипите за информациите што ги пренесуваат медиумите[34].

Овие алатки исто така придонесуваат и во генерализирањето и предрасудите за ромите. Во случајот за ромите се користи конструктцијата “Циган”, кој повеќето Европски земји и европската заедница[35] го сметаат овој термин за прифатлив за јавна употреба и јавни документи. Овој термин е широко употребуван од не-роми но и од Роми за репрезентирање на ромите во нивните држави или на Европско ниво затоа што терминот е поегзотичен и попрофитабилен. Терминот се поистоветува со идентитетот, вредностите и еманципацијата на ромите се до 1971 година кога се организира првиот Светски Конгрес.

Овој термин потекнува од грчкиот термин “Athinganoi” кој се однесувал на религиозна секта во IX век во Грција за која се сметало дека биле ромите. Овој термин добива варијанта “atsinganoi” кој се употребува за новодојдените “нечисти” луѓе во Византија. Овој термин се употребува долг период низ Византија за ромите како нечисти и луѓе со кои е забранета интеракција.

По ерата на Византиското царство овој термин ја достигнува последната варијанта “zigeuner”, “tzigan”, “tigan”, “zingari”, “cigan”[36] кој е наменет за “црните” во “белиот” континент. Од друга страна терминот “Gypsy”[37] потекнува од крстоносните војни во кои учествувал народ кој го бранел Египет но биле видливо различни од населението на Египет. Бранејќи го Египет се бележи дека крстоносците ги нарекуваат “gyptians” или “egyptiens”[38] населувајќи се во Европа. Овие термини кои оригинално не се однесуваат на ромите, се користат во адресирање на ромите во европските држави. Овие форми за навредливост и понижување на група луѓе се користи за ромите затоа што и ромите се населуваат во Европа.

Ромите со доаѓањето во Европа добиваат креиран идентитет со кој што билеидентификувани од не-ромите се до 1971, Првиот Светски Конгрес на ромите. Сепак медиумите, едукативните системи и стереотипите низ европските држави ја зајакнуваат оваа состојба за ромите затоа што е профитабилна и егзотична. Новите генерации знаејќи ги етнографските и историографските факти се стремат да ја сменат состојбата и да се борат против “циганизмот”

Заклучок

Овој текст ги аргументира научно поставените индикатори за анализирање на формирање на нација со посебен акцент на ромите како нација и нивните обиди за формирањекако транснационална нација. Важно е да се забележи дека европските народи многу порано и побрзо го развиваат процесот на формирање на нација и национална држава, нивното соединување и единство се смета за зачувување на “државниот” идентитет, додека пак ромите се во поразлична ситуација од мнозинството на народи во државите каде што се населиле. Ромите како нација се соочуваат со предизвикот на политичко организирање и лидерство се до првиот меѓународен конгрес на ромите во 1971. Сепак, ромите како ентитет кој опстојува во Европа после геноцид и секојдневно лишење од слобода се бележи како “движење” со надеж за поголема видливост наевропската сцена за ранливоста на проблемите со кои се соочуваат ромите денес.

Исто така, еден од аргументите кои се анализираат во текстот е и културата, со емпириско-теоретски појаснувања за процесот на културна стандардизација и зачувување на вредностите на “белиот” континент и рефлексија на истиот процес кај ромите. Ромите во периодот на мигрирање се соочуваат политичко-културолошки предизвик знаејќи дека ќе бидат оневозможени да ја манифестираат и зачуваат културата во веќе екстремната доминација на народите во Европа. Емпириските факти во ова дело ја зајакнуваат позицијата на аргументирање за историските предизвици на ромите како оневозможен народ да ги практикува и зачува своите културни вредности и одлики. Со оглед кулминацијата низ вековното развивање на европските култури, ромската култура сепак останува богата со свои специфики и посебна во својот начин на опстојување иако биле робови на “чистиот” континент.

Во овој текст се анализираат алатките со кои се формира и одржуваетикетирањето на народите односно на ромите. Деконструкцијата на термините кои се широко прифатени како “нормални” и “стандардни” во рамки на ромскиот идентитет покажуваат дека постои идентитет кои бил зачуван со легитимитет, политички коректен и одржлив додека пак исто така постои и форма којa билa историски злоупотребена и креираназа да ги ограничи можностите на “нечистите” луѓе во Европа.

Циганизмот во последните 10 години претставува термин против кој младите Роми се ставени во состојба да бидат спремни да го предизвикаат преку демократска дебата и академски методи секој фактор во општеството и да докажат дека не постои цигански идентитет и цигански народ туку ромски идентитет на ромската нација со културно богато минато и силна верба во иднината. Овој текст претставува антрополошко политичко гледиште коеможе да предизвика различно толкување и со други објаснувања за методолошкиот пристап кој се користи за прикажување на научните и емпириските факти и гледишта

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1]Courthiade, Marcel (2003) “The Gangetic city of Kannauʒ : original cradle-town of the Rromani people” Wydawnictwonaukowe Poznan

[2]Pericles, Lewis (2000) “Modernism, Nationalism, and the Novel” Cambridge University Press.

[3] Branch, Jordan Nathaniel (2011) “Mapping the Sovereign State: Cartographic Technology, Political Authority, and Systemic Change” (Ph.D.). Publication Number 3469226.University of California, Berkeley

[4]Breuilly, John (1993) “Introduction In Nationalism and the State” Manchester University Press

[5] Yack, Bernard (1999) “The Myth of the Civic Nation”, Beiner, Ronald (ed.): “Theorizing Nationalism”

[6] Simon, Patrick (2012) “French national identity and integration: Who belongs to the national community?”

[7]Hobsbawm, Eric (1990) ”Nationalism in the Late Twentieth Century”, Cambridge University Press

[8]Plamenatz John (1973) ”Two Types of Nationalism” Kamenka, Eugene (ed.): “Nationalism: The Nature and Evolution of an Idea”, Australian National University Press

[9] Ibid

[10]Pericles, Lewis (2000) “Modernism, Nationalism, and the Novel” Cambridge University Press

[11] Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Amesam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[12] Ibid

[13]Kenrick, Donald (1971), “The World Romani Congress – April 1971″, Journal of the Gypsy Lore Society

[14] Ibid

[15]Повеќе информации: Глобал Пост (http://www.globalpost.com/dispatch/news/regions/europe/131118/14-unbelievably-racist-things-politicians-said-about-roma)

[16] Tylor, Edward (1871) “Primitive Culture: Researches in the Development of Mythology, Philosophy, Religion, Language, Art and Custom”, London: John Murray.

[17]Herskovits, Melville (1948) ”Man and his Works: The Science of Cultural Anthropology”, New York: Knopf.

[18]Mead, Margaret and Metraux, Rhoda (1953 eds.) “The Study of Culture at a Distance”, University of Chicago Press

[19] Malinowski, Bronislaw (1931) “Culture”, Encyclopedia of the Social Sciences, Vol. 4, New York: Macmillan

[20]Haviland, William (1995) “Cultural Anthropology” Mifflin Harcourt P

[21]UNESCO Universal Declaration on Cultural Diversity, 2001

[22]Jensen, Lamar (1992) “Renaissance Europe: Age of Recovery and Reconciliation” University of Michigan

[23] Smith, Anthony (1991) “The ethnic origins of nations”, Wiley-Blackwell; Reprint edition (January 8, 1991)

[24] McCormick, John (2010) “Europeanism”, Oxford University Press

[25]Повеќе информации: Standard Eurobarometer 80 / Autumn 2013 (http://ec.europa.eu/public_opinion/archives/eb/eb80/eb80_first_en.pdf)

[26]Courthiade, Marcel (2003) “The Gangetic city of Kannauʒ : original cradle-town of the Rromani people” Wydawnictwonaukowe Poznan

[27]Hübshmanová, Milena (2003) “Roma – Sub Ethnic Groups”. Rombase. Karl-Franzens-Universität Graz

[28]Baumgartner, Gerhard (1987) Sinti und Roma in Österreich. In: Pogrom 130, pp. 47-50.

[29]Baumgartner, Gerhard (ed.) (1995) 6x Österreich.Zur Geschichte und aktuellen Situation der Volksgruppen, Klagenfurt.

[30] Ibid

[31]Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Ame sam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[32]Pelinka, Anton (2009) “Handbook of prejudice” Cambria Press

[33]Повеќеинформации: The Guardian (http://www.theguardian.com/artanddesign/2012/feb/17/stereotype-maps-tsvetkov)

[34]Ibroscheva, Elza, Ramaprasad, Jyotika (2008)”Do media matter” Journal of Intercultural Communication

[35]Повеќе информации: DG Justice – European Commission (http://ec.europa.eu/justice/discrimination/roma/index_en.htm)

[36]Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Ame sam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[37] Ibid

[38] Ibid

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]