УЛОГАТА НА РОМСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ВРЗ ПРАКТИКУВАЊЕТО НА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО РОМСКАТА ЗАЕДНИЦА ОД 1990 ДО 2011

Со воведувањето на плурализмот во Република Македонија ромската заедница стекна право да учествува и придонесува вo градењето на демократијата и политичко-правниот систем на државата. Практикувањето на демократската култура кај ромската заедница не се разликува од севкупниот демократски и политички амбиент во државата. Секоја демократска земја минува низ процес на имплементација на предуслови како што се: владеење на правото, високо ниво на граѓански и политички слободи, слободата на изразување, слободата на печатот како и слободата за формирање и учество во организации[1]. После 20 години на практикување на плурализам во државата, развојот на политичката култура во ромската заедница може да ја делиме на два периоди – пред и пост Охридскиот Рамковен договор. Според досегашните резултати и однесувањето на ромските политички партии евидентно е дека партиите не успеаа оптимално да ги искористат дадените можности произлезени од начелата на Охридскиот Рамковен договор.

Со измените на Уставот на Република Македонија од 2001 година преточените начела на Рамковниот договор се своевиден баланс при (ре)дефинирањето на конститутивните елементи на државата, кои освен поголемите заедници ја вклучува и ромската заедница. Ваквиот акт претставува афирмативна можност за ромската политичка елита, но од друга страна е исто така уставна заложба да се задржи мулти-етничкиот карактер на државата.

Во периодот од 1990 до 1998 Ромите формираа три политички партии додека во периодот од 2002 до 2006 се регистрирани уште 5 нови партии. Овој процес е контрапродуктивен за ромската заедница затоа што наместо да го окрупнува политичкото влијание произлезено од новите уставни измени, ромските политички партии влегоа во процес на фрагментирање на електоратот кој дополнително ја намали вредноста и влијанието на гласот на ромската заедница.

Развој на ромските политички партии

Република Македонија уште од осамостојувањето има мулти-партиска парламентарна демократија. Од 1991 во Македонија се појавуваат различни партии со различни идеологии. Иако во теорија Македонија има мулти-партиски систем, во практика постои двопартиски систем. Македонските партии во коалиција со Албанските партии ја креираат владата и опозицијата.[2] Во теорија етнички формираните партии можат да имаат различни идеологии. Во интерес на зачувувањето на идентитетот, вредностите и традицијата ромските партии би ги класифицирале како десно ориентирани партии, но исто така тие би можеле да бидат и лево ориентирани ако нивниот интерес е социјална сигурност, еднаквост и солидарност. Според потребите на ромската заедица партиите повеќе би биле лево ориентирани поради пристапот на левите политички партии кон социјалните политики кои се пофлексибилни и толерантни кон малцинствата. Формално е тешко да се одреди која е идеологијата на ромските политички партии затоа што нивните статути се тешко достапни до јавноста. Ова предизвикува недоволна информираност кај ромскиот електорат затоа што останува нејасно дали се подржува иделошка опција или лидер (поединец). Следнава табела го покажува хронолошкото појавување на ромските политички партии од 1990 до 2011 година.

Ромите во Република Македонија од 1990 година до денес имаат формирано 8 политички партии. Првата политичка партија “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР е формирана во 1991 година и лидер на истата беше г-дин Фаик Абди, а едни од неговите први соработници беа г-дин Неждет Мустафа и г-дин Шабан Салиу кој воедно во тој период беа и генерални секретари на партијата. “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР на првите Парламентарни избори го кандидираше г-дин Фаик Абди и истиот беше избран за член во собранието на Република Македонија.[3]

Во 1994 поради несогласување на тесното раководство во “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР се формира втората ромска политичка партија “Демократската прогресивна партија на Ромите” – ДППРМ[4] на која претседател беше избран г-дин Неждет Мустафа. Во 1994 година г-дин Фаик Абди повторно е пратеник во Собранието на Република Македонија, но сега придружуван со уште еден пратеник, г-дин Амди Бајрам, тоа резултира со 2 преставници во парламентот во 1994 година.[5]

Во 1998 повторно поради несогласување на раководството во “Партија за целосна еманципација на Ромите” – ПЦЕР, се појавува третата Ромска политичка партија “Сојуз на Ромите од Македонијa” – СРМ на која како претседател се избира г-дин Амди Бајрам кој предходно беше дел од ПЦЕР. Истата година Г-дин Амди Бајрам по втор пат е претставник на Ромската заедница веднаш по самото формирање на “Сојуз на Ромите од Македонијa” – СРМ.[6]

Во 2002 година се појавува една нова политичка партија, а друга се преименува. Новата политичка партија е “Партија за единство на Ромите” претседателот на партијата e г-дин Алил Меваип[7]. Оваа партија се појавува на Парламентарните избори 2002 и на локалните избори 2005 година во Тетово. “Демократската прогресивна партија на Ромите” – ДППРМ се преименува во “Обединета партија за еманципација” на која останува претседател г-дин Неждет Мустафа.[8] Во 2003 по медиумскиот дебакл на г-дин Амди Бајрам и г-дин Шабан Салиу беше резултат на лидерското несогласување и регистрирање на нова политичка партија “Демократски сили на Ромите” – ДСР на чело со г-дин Шабан Салиу[9]

Во 2006 година се појавуваат две нови Ромски политички партии. Во истата година г-дин Бајрам Берат ја регистрираше “Партија за интеграција на Рoмите” – ПИР[10] додека пак, Г-дин Адем Арифоски од Прилеп ја формира политичка партија “Демократска унија на Ромите” – ДУР.[11]

Теоретска рамка

Во период од над 20 години, ромските политички партии не успеваат да се наметнат како конкурентни политички субјекти во македонското општество. Тоа е така затоа што тие се сеуште партии на лидери кои околу себе собираат зависни членови кои сакаат да решат некој егзистиционален проблем или потреба. Ромските политички партии најчесто коалицираат со партиите кои се во позиција поради можоста на членовите да добијат функции и работни места во државната администрација. Пазарењето со лидерите на ромските политички партии досега беше лесна задача за поголемите партии на позиција, и тој пазар неможе да резултира со повеќе од еден пратеник, еден или ниеден министер, еден или ниеден заменик министер и неколку директори на управи и раководители на одделенија.

Како најсоодветен начин за проверка на конкурентноста на ромските политички партии предлагаме да се користи Бихевиоралната теорија на конкурентни политички партии / (Behavioral Theory of Competitive Political Parties)[12] . Оваа теорија идентификува три модели на однесување во политичкиот натпревар на партиите:

  • модел во потрага на гласови,
  • модел во потрага на канцеларии и
  • модел во потрага на јавни политики

Моделот во потрага на гласови се употребува во најголема мера затоа што максимизирањето на гласачите е клучен елемент во целта партиите да бидат релевантен субјект при коалицирањето со поголемите партии. Овој модел ги поттикнува/охрабрува амбициите за моделот во потрага на канцеларии. Во однос на гласовите партиите се пазарат за канцеларии односно позиции кои се во можност да ги превземат. Неодамна ромските политички партии го употребуваат овој модел за да ги претставуваат интересите на партијата односно гласачите. Според калкулациите на владејачката партија, ромските политички партии добиваат канцеларии според дадениот придонес победата на владејачката партија. Овој модел има за цел да ја максимизира контролата на институцијата или позицијата која следи за ромска партија. Моделот во потрага на јавни политики се употребува за да го максимизира влијанието на партиите во јавните политики. Овој модел се аплицира ако партиите се во ист или сличен спектар на идеологии или јавни политики. Влијанието на јавните политики започнува од канцелариите превземени од страна на партиите така што, секоја партија која ја има контролата врз институција има можност да влијае врз спроведувањето на превземените јавни политики.

Сите горенаведени модели имаат свои предности и недостатоци. Праксата покажува дека ромските партии коалицирале со партии кои имаат различни идеологии, без разлика дали нивниот интерес, програма или идеологија се стреми кон истата цел. Секој од моделите нуди партиципација во претставувањето на граѓаните. Во периодот пред Рамковниот договор за да бидат дел од власта беа во моќ да коалицираат со партијата која има освоено најмногу гласови за да партиципира во влада. Во овој период ромите беа застапувани од 3 партии и истите беа насочени кон максимизирањето на гласовите и по некоја канцеларија без многу влијание во јавните политики кои се водеа во државата. Во овој период беше лесно да се купува гласови и да се манипулира со ромските партии.

Со потпишувањето на Рамковниот договор до 2006 година, Ромите добија нови 5 партии и поголема партиципација и влијание во владата но сепак незадоволително. Рамковниот договор иако беше инициран од друг фактор поради други околности и интереси, сепак претставува охрабрување и унапредување за ромските партии во Македонија. Во периодот на трендот за основање нови партии и препукување кој ги украде парите од Декадата, ромските партии не ја гледаа важноста на Рамковниот договор. Според договорот, најголемото малцинство во државата бараше процентуална дистрибуција на канцеларии како резултат на макзимизирањето на гласовите што ги добиле на изборите, а ромските партии ја играа улогата на лојални партнери и задоволни од тоа што веќе го добиле. Ако партијата со најголем број на гласови од македонскиот блок одлучи да дистрибуира канцеларии за партијата со најголем број на гласови од албанскиот блок тогаш голема е можноста да понуди место и за ромските партии. Пазарењето или како што повеќето мнозински партии го идентификуваат како “шутка политика” го прават за да покажат на својот електоратот дека се вработувачи. Ако ја искористиме теоријата за да го прикажеме придонесот на ромските политички партии во периодот од 2001 до денес, сликовито тоа би изгледало вака:

Партиите користејќи го Рамковниот договор станаа поголеми фактори во трката за владеење. Со цела мрежа на работни места и гласачи, ромските партии не се во можност да управуваат или да влијаат на јавните политки. Без разлика на политичкото убедување, партиите се согласуваат да коалицираат и тоа покажа лош резултат во претставувањето на интересите на Ромите. Транзицијата и коалицирањето со различен профил на партии ја намалува можноста на ромските партии да делуваат во политиките затоа што не се во состојба да изгубат тоа што веќе им било понудено по изборите. Интересите на гласачите најефективно можат да се застапуваат ако партијата има влијание во донесувањето на одлуки во државата. Ако партија не влијае на политиките во полза на своите гласачи тогаш таа го губи кредибилитетот и репутацијата како сериозен политички субјект.

Трендот во изминатите години е секогаш ромските партии да влегуваат во коалиција со македонски политички партии. Се поставува прашањето зошто ромските партии несакаат или не се заинтересирани за коалицирање со албанските политички партии. Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево се градовите во кои живеат голем број на албанско население резултатите покажуваат дека во овие 4 градови последователно албанец е избран за градоначалник. Борбата воглавно се води помеѓу албанските партии речиси секои избори е доста неизвесно во изборот кој ќе биде избран за градоначалник и мнозинство од советниците се од албанска националност. Ромскиот глас според нас може да биде одлучувачки во овие градови, но ромските политички партии не се заинтересирани или пак несакаат да се позиционираат на албанската страна. Доколку ромските партии би знаеле како да преговараат би можеле многу повеќе да извлечат од еден советник во една локална заедница. Со ова ромските гласови не би оделе само за да изгласа еден советник туку напротив би оделе за многу повеќе од еден советник кој не би можел многу да направи за заедницата помеѓу големиот број на албанци и македонци во советот на градот. Во горенаведените градови на локално ниво Ромите би можеле да партиципираат во донесувањето на политиките кои ја засегаат ромската заедница на локално ниво. Коалицијата со албанските партии воедно би донела и поголема застапеност на ромската заедница во локалните институции и покрај тоа што ромската заедница не е 20 % од вкупниот број на население во локалната заедница воедно едуцираните Роми врз основа на нивната професија би ја преставувале заедницата и би ги бранеле интересите на Ромите во локалните институции, а не да бидеме застапени само во Управата за Јавна Чистота. За сето ова да се оствари потребно е желба и знаење како да се преговара, моментално ова не е случај во ромската политичка сцена и се нема никаква желба за коалицирање со албанските партии.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1]Dahl, R.A. (1989). “Democracy and its critics”, New Haven: Yale University Press

[2] Daskalovski, Zidas, “Between the political convenience and equal opportunities” Association for Democratic Initiatices, pages  45 – 56, (2006)

[3] За прв пат Ромите основаат и добиваат пратенички мандат во собранието на Република Македонија http://www.sobranie.mk/?ItemID=3D515E1DA2319B44871AB2AB83AA3761

[4] Повеќе информации http://vlada.mk/clenovi/nezdet-mustafa

[5] Двајца претставници на Ромите во собранието на Република Македонија http://www.sobranie.mk/?ItemID=FC90D9689809BC4EBB2563F21D8312E5

[6] Повеќе информации http://www.sobranie.mk/?ItemID=20EE8BBFE4829E44A805F5F607473002

[7] Повеќе информации http://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/96/99282258?pageID=5

[8] Повеќе информации http://www.sobranie.mk/?ItemID=BF120A9A3A563549B20216BF4E4AB342

[9] Повеќе информации https://www.facebook.com/OpstinskaOrganizacijaNaOdsrGostivar/info

[10] Повеќе информации http://pir-mk.blogspot.com/

[11] http://www.netpress.com.mk/mk/vest.asp?id=4685&kategorija=7

[12] Рационалниот традиционален избор има генерирано три модели на однесување при натпреварот на политичкате партии. Партии кои бараат гласови, партии кои сакаат да имаат поголем број свои преставници во државната администрација и партии кои сакаат да учествуваат во креирањето и спроведувањето на јавните политики. / American Journal of Political Science – http://www.jstor.org/action/showPublisher?publisherCode=mpsa

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]