Според сите досегашни извештаи на Freedom house Република Македонија е делумно слободна демократија. Србија беше неслободна демократија се до падот на Слободан Милошевиќ. Во последната деценија во нашето балканско опкружување освен Македонија делумно слободни демократски земји се Албанија, Босна и Косово. Овој факт ни укажува во каква демократска култура живееме . Според досегашните изборни модели во Македонија политичкиот натпревар наметнува инфериорна позиција на ромскиот политички блок. Ромската заедница не е во можност да се натпреварува помеѓу своите редови туку едноставно мора да коалицира со поголемите политички опции во државата за да избори некаква позиција во политичкото и институционално делување. Така испаѓа дека изборот на ромските политички претставници е диктиран од квантитет (бројки), а не од квалитет.
Досегашните избраници на ромската заедница секогаш се избрани во првата изборна единица (Скопје-Шуто Оризари). Земајќи го во предвид досегашното делување и резултатите од работата на ромските пратеници се наметнува прашањето дали ова е најдобриот избор и квалитет кој ни се нуди од ромската политичка елита и дали Ромите надвор од Скопје ги чувствуваат како свои претставници во законодавниот дом на државата? Според мене ромската заедница има далеку подобри капацитети за политичко претставување во другите градови. Од друга страна логично е да се потсетиме дека една политичка опција или еден пратеник не може ниту во теорија ниту во пракса да биде легитимен претставник на цела заедница која се организира преку повеќе политички опции. Впрочем фактот дека сите ромски партии коалицираа со ВМРО-ДПМНЕ без притоа да имаат никаква соработка и дијалог во ромскиот блок на партии (5) е доволен доказ за тоа како и од каде нашите ромски партии го црпат својот легитимитет и позиционирање во рамките на системот. Оваа анализа ги испитува можните насоки за тоа како да се надминат недостатоците на сегашната политичка ситуација и створи амбиент за подобра политичка понуда во смисол на квалитет и секако да се искористи новиот потенцијал кај ромската политичка елита која доаѓа од изборните единици надвор од Скопје.
Според моите проценки сметам дека надвор од Скопје има доволно критичка маса и зрел политички капацитет и квалитет кој поради (до)сегашните изборните модели не се во можност да се пробијат и покажат на политичката сцена.
Следните фактори придонесуваат за ваквата ситуација:
Изборен закон [1]
Сметам дека ваквиот изборен модел ги фаворизира само поголемите политички партии каде што бројките одлучуваат, при што гласот на малите етнички заедници, вклучително и ромската, имаат помало влијание и вредност. Резултатот на ваквиот однос во рамките на политичкиот натпревар за глас повеќе го девалуира гласот на ромскиот народ кој поради географски и политички скроени изборни единици нема еднакви и фер шанси за квантитативно соединување на гласовите на ромскиот електорат. Но доколку ваквиот изборен систем се промени и имаме една изборна единица за бројчано помалите заедници тогаш ќе се овозможи подемократски амбиент и фер-плеј изборна трка која ќе нуди квалитет и квантитет. Доколку се воведе модел на отворените листи гласачите ќе може да го дадат својот глас за одреден кандидат, а не на политичка партија.
КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛ СИСТЕМОТ НА ОТВОРЕНИ ЛИСТИ:
Доколку ПАРТИЈАТА Х има 10 кандидати за пратеници, гласачите ќе може да ја заокружат партијата но и кандидатот кој што сакаат да ги претставува. Па така доколку ПАРТИЈАТА Х освои 5 мандати, на пратеничките места ќе седнат оние кандидати коишто добиле најмногу гласови од граѓаните без разлика на кој реден број се наоѓале на листата.
КАКО ИЗГЛЕДА СЕГА НАШИОТ СИСТЕМ:
Во моментот ние имаме можност да гласаме за политичка партија, а партијата пред избори одлучува кој кандидат ќе биде во одреден број на гласачкото ливче. Па така доколку ПАРТИЈАТА Х има 10 кандидати, а освои само 5 мандати, на пратеничките места ќе седнат првите 5 кандидати кои биле на листата.
Системот на отворени листи овозможува демократски избор на кандидат кој што сакаме да не претставува во следните 4 години.
Како резултат на изборниот систем во 2011 година од вкупно 18 политички партии само 5 партии седнаа во Собранието на Република Македонија[2]. Што се случи со гласовите кои ги даде народот на останатите 13 партии? Аналитичките проценки укажуваат дека повеќе од 100.000 граѓани или 10% од народот коишто го дадоа својот глас за останатите партии немаат свој претставник во Собранието на Македонија. Според ваквиот изборен модел некои политички партии обезбедуваат пратеници со помалку од 8.000 гласови, а на други партии им се потребни повеќе од 10.000 гласови за освоен мандат. Од тука произлегува дека правото на еднаков глас не важи за овие 10% од граѓаните кои останаа без претставник за нивните права и интереси во Собранието на државата. Доколку би имале една територијална единица за помалите етнички заедници прераспределбата на мандати ќе беше поинаква со тоа што поголем број на партии ќе партиципираа во Собранието и народот во Република Македонија ќе беше еднакво претставен.
Во 2011 година мандатите се поделија според пропорционалниот систем без изборен праг за влез во собранието. Немањето на изборен праг е во одредена мера поволен за ромските партии затоа што со мнозинскиот систем на гласање ни требаат помеѓу 10 до 20 илјади гласови за влезез во Собрание, зависно од бројот на гласачи во дадена изборна единица. Јасно е дека овде се губи гласот за поединец и дека оди за политичка опција меѓутоа ова е предмет на политички договор кој не ги прашува граѓаните како сакаат да гласат туку се прават пресметки поради политички интереси. Според ова произлегува дека не само ромскиот туку гласот на сите граѓани е во темно, односно мора да избира меѓу партии, а не меѓу поединци. Според Донтовиот модел[3], вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја листа поединечно се дели со 1,2,3,4, до 20. Така добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите дваесет се местата што ги добиле листите. Секоја листа со кандидати добива пратенички места колку што има најголеми количници во тие дваесет. Доколку при распределбата на последното, давесетто место се јават два идентични количника, тоа пратеничко место се определува со жрепка.
Пример за распределба на пратеничките места во една од шесте изборни единици:
Ако на изборите учествуваат три партии со свои листи, А,Б,и В и добиле, листата А 120.000, листата Б 80.000, а листата В 60.000, бројот на гласовите на секоја партија се дели со еден, два, три,… се до 20. Според Донтовата формула, од партијата со листа А во Собранието би влегле првите девет кандидати од листата, од листата Б би влегле 6 пратеници, а од листата В пратеници ќе бидат првите петмина од листата[4]. А доколку учествуваат четири или 5 партии што е пракса кај нас тоа значи дека четвртата може да освои само еден мандат но 5-та партија нема скоро никакви шанси. Според моделот кој што го имаме сега помалите етнички заедници многу тешко може да освојат пратеничко место доколку одат самостојно на избори, па затоа со цел сите етнички заедници да бидат претставени во државата треба да се обезбедат загарантирани места во Собранието.
Уставот на Република Македонија во Член 62 дозволува од 120-140 места за пратениците.[5] Во овој момент ние имаме 120 пратеници кои се бираат според пропорционалниот модел плус 3 пратеници од дијаспората коишто се избираат по мнозинскиот модел. Со загарантираните места за заедниците ние би требале да имаме повеќе од 3 пратеници во Собранието на Република Македонија. Кога би ги имале овие загарантирани места нашите политички партии не би морале да коалицираат со поголемите политички партии, туку би оделе самостојно на избори. Тука трката би се водела директно помеѓу ромските политички партии, и секако оние ромски партии кои ќе освојат најголем број на гласови ќе седнат на пратеничките места. Во овој случај сите Роми од државата би одлучувале кој ќе ги претставува, а не како досега кога само првата и втората изборна единица одлучува кој ќе ги претставува Ромите од цела Македонија. Загарантирани места за малцинствата е пракса на неколку земји како: Хрватска, Словенија, Босна, Србија, Црна Гора, Романија и Косово.Босна и Косово обезбедуваат места за Ромите во Собрание.
Информираност и демократска зрелост на ромскиот електорат.
По осамостојувањето на Македонија, Ромите како гласачко тело беа лесно поткупувани за време на избори од страна на ромските и не-ромски политички партии кои ја злоупотребуваа лошата социо-економска положба на ромското население. Најчесто ги залажуваа Ромите преку бесплатно давање на основни прехранбени продукти или некој си денар кој во зависност од географското подрачје си има одредена сума. Но со текот на годините политичката еманципација на граѓаните значително се разви па затоа постои опаѓачки тренд на “купување” на гласови. Со “продажбата” на нашите гласови само им овозможуваме на политичките партии да се однесуваат кон нас како марионети, а не како со луѓе кои им ја даваат политичката моќ. Од друга страна самиот чин на купување-продавање на гласови се одразува на севкупната демократска слика на државата поради тоа што манипулативно избраните пратеници се од самиот старт со делегитимиран кредибилитет во и надвор од Собранието на Македонија.
Познавачите велат дека постојат неколку причини за тоа. Прво, социо-економската положба на ромската популација, потоа степенот на (не)образованост, а со тоа и несвесност за своите граѓански права и обврски и на крајот начинот на живеење и донесување на одлуки за доверба на институциите на државата.
Политичката култура кај поголемите партии.
Поголемите политички партии воглавно преферираат помалку способни лидери покрај себе или им даваат позиција или улога каде што може лесно да се контролира нивното влијание во системот. Тоа придонесува губење на кредибилитетот и интегритетот на политичките лидери но исто така и угледот на заедницата која што е претставувана. Што се однесува до локалните избори ние како заедница имаме Ром градоначалник и советници низ неколку општини во државата, но колку овие “авторитети” се во можност да ги имплементираат барањата коишто им ги ветиле на граѓаните и колку навистина ги претставуваат ромските интереси во локалната власт ?
Коалицијата со поголемите партии не им дозволува на нашите ромски советници да ги бранат интересите на Ромите, при што им преостанува или се задоволни повеќе да ги бранат интересите на коалиционата партија, а не на заедницата. Јас сум убеден дека дел од ромските советници низ општините ќе се сложат со оваа контстатација, и јас би ги запрашал дали се спремни да се спротистават на коалиционите партнери кога е во прашање ромскиот интерес?
Немањето на политичка програма и идеологија кај ромските политички партии е сеуште проблем затоа што ние како заедница не знаеме што всушност тие ќе направат за подобрување за состојбата на ромската заедница. Морам да нагласам дека во текот на последните години се прават напори за поголемо учество на Ромите во политичките партии, така даденес голем дел од младите Роми се веќе политички активни. Ромите како малцинство се почесто стануваат одлучувачки фактор во изборот на градоначалник. Кога разликата е многу тесна меѓу големите партии, гласовите на Ромите одлучуваат кој ќе биде идниот градоначалник што ќе ја води општината. Но дали нашите ромски политички партии знаат како да извлечат повеќе корист за себе и заедницата при пазарењето со поголемите политички партии?
Доле наведената шема е сликовит приказ за стратегиите на преговарање која се заснива и ги проучува прашањата за интерес и врските меѓу политичките партии.
Со примената на овие стратегии имаме 4 резултати и тоа:[6]
Ние победуваме – Тие победуваат
Ние победуваме – Тие губат
Ние губиме – Тие победуваат
Ние губиме – Тие губат
Нашата заедница секогаш губи, а Тие добиваат (точка 3) го образложува исходот од оваа стратегија во горенаведениот пример од локалните избори кога ромските гласови одлучуваат кој ќе биде идниот градоначалник во општината.
Така пример на последните локални избори во Тетово двете поголеми албански партии на првиот круг одлучија да не сорабутуваат со ромските политички партии верувајќи дека имаат доволно поддршка од нивниот електорат. После првиот изборен круг разликата меѓу двете албански партии беше околу 100 гласови за избор на идниот градоначалник така што нивната стратегија неминовно мораше да се промени – кон кооперација со ромските политички партии. Во овој случај гласовите на ромската заедница одлучија кој ќе биде идниот градоначалник (моќта беше во рацете на Ромите). Во оваа игра нашите политички партии не знаеа како да преговараат со нив и беа водени од личните интереси кое на крај резултираше во нивна победа (на едната албанска опција) со добиени ромски гласови, а наша загуба (на ромската заедница) во однос на обезбедување на корист од јавните политики.
КАКО ТРЕБАШЕ И КАКО ТРЕБА ДА ПРЕГОВАРААТ ВО ВАКВИТЕ СИТУАЦИИ:
Анализирајќи го контекстот на ситуацијата во двата изборни круга ги предлагам следните стратегии:
Јасно е дека секоја политичка партија треба да ги анализира клучните актери и можните сценарија во играта за да ја прилагодат идната стратегија за настап во изборниот процес и коалицирање Во првиот случај кога тие предвидуваат дека ја имаат моќта и сигурна позиција ние од другата страна треба да им пријдеме со понуда на ромски гласови и за возврат да побараме бенефит од јавните политики кои се повисоки од нашите реални можности. Во овој контекст ние добиваме добро изградена позиција и отвораме простор за поширока идна соработка. Исходот на првиот круг и не е толку битен се додека ја играме играта според правилата.
Битниот момент се одигрува во вториот изборен круг кога клучните актери се во тесна битка за градоначалничкото место. Во оваа ситуацијата ние сме во предност и може да понудиме две опции. Првата опција е повлечи (pull) стратегија[7], кога ги чекаме тие да дојдат на масата за преговарање и да ни дадат понуда од првиот сет на нашите барања. Втората опција е притисни (push) стратегија[8]кога ние повторно им ја даваме раката за соработка и ги повикуваме на преговарачка маса. За разлика од првата опција ние развиваме стратегија за добивање на нашите барања на средно ниво (компромис меѓу двете страни).
Тука значаен интерес претставува исходот од преговарачкиот круг каде што тие што одлучуваат за соработка со нас добиваат градоначалничко место, а ние ги добиваме нашите барања. Во втората опција ние сме во подредена ситуација и можеме да им понудиме барања кои се на пониско ниво од иницијалната понуда. Во продолжение на ова исходот може да биде реализација на нашите барања на минимум ниво, а тие добиваат градоначалничко место.
И во двете опции ние добиваме и тие добиваат (точка 1).
Заклучок
Промената на изборниот модел може да се се случи само доколку има доволно политичка зрелост и разбирање на демократските вредности кај сите партии кои ги претставуваат граѓаните на оваа држава. Промената на изборниот модел ќе доведе до поголема демократија и поголем квалитет кај кандидатите коишто ќе ги претставуваат интересите на народот.
Со ваквиот модел Ромите од цела држава ќе одлучуваат кој ќе ги претставува на национално ниво.Да се надеваме дека големите политички партии би го прифатиле ваквиот модел, напуштајќи го сегашниот модел кој засега дава доминација на ниво на монопол на скопските политичари од ромската заедница. Низ историјата е докажано правилото дека било која форма на монопол не носи развој и стабилност на општеството поради тоа што монополите немаат чувство за општествена одговорност туку пред се се раководени од комерцијалните интереси за профит и моќ. Во периодите на идеолошките монополи гласот на поединецот беше загушен и немаше демократија. Во нашата македонска држава Ромите живеат во полу-демократија односно делумно слободна демократија во која гласачките кутии се полни со лажирани гласачи ливчиња или со купени гласови од сиромашните граѓани. Крајно време е да се стави крај на злоупотребите и деградирањето на демократијата во Македонија. Ова е јавен повик до ромските лидери да си ги реформираат редовите и однесувањето за да обезбедат услови за еднаквост и достоинство на ромскиот глас.
Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.
[1] Изборен законик - http://www.sec.mk/Predvremeni2011/IZBOREN_ZAKONIK_(Precisten_tekst).pdf
[2] Прераспределба на мандати ДИК. - http://217.16.84.11/Mandates/Default.aspx
[3] Донтов Метод. - http://www.tcd.ie/Political_Science/staff/michael_gallagher/ElectoralStudies1991.pdf
[4] Како се распределуваа мандатите во 2011-та. - http://press24.mk/story/makedonija/pratenichkite-mesta-kje-se-raspredeluvaat-so-dontoviot-model
[5] Устав на РМ. - http://www.uni-graz.at/opv1www_ustav_makedonija_mak.pdf
[6]Стратегии за преговарање. - http://purchasingnegotiationtraining.com/negotiation/what-does-win-win-negotiation-mean/
[7] Стратегија за преговарање. - http://www.governing.com/columns/mgmt-insights/A-Push-Pull-Strategy-for.html