РОМИТЕ “ЗАЛОЖНИЦИ” НА ВИЗНАТА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА

Слободата на движење е една од основните слободи и права на човекот и граѓанинот и е загарантирана согласно Уставот на Република Македонија. Во изминатиот период сведоци сме на се позачестените случаи за враќање од граница на лица од ромска националност. Најчесто Ромите се враќаат од границите меѓу Македонија и Србија и тоа без никакво образложение. Свесни сме дека во последно време нашата држава е под постојан притисок од страна на Европската заедница поради големиот бран на лица кои ја напуштаат Македонија и бараат азил во Европските земји, но дали сите Роми кои ја напуштаат државата одат да бараат азил? Дали се издржливи мерките коишто се превземаат од страна на Македонија и Европската Унија кон Ромите ќе може да заклучиме од оваа анализа.

На 30 ноември 2009 година, за време на Шведското претседателство со ЕУ, Министерскиот совет за правда и внатрешни работи донесе Одлука за либерализација на визниот режим на Европската унија за граѓаните на Република Македонија, преку измена на Регулативата 539/2001. Од 19 декември 2009 година, безвизните патувања ширум Европа станаа реалност за граѓаните на Република Македонија[1].

Почнувајќи од 19 декември 2009 година на граѓаните на Република Македонија повеќе не им треба виза за да патуваат во 25 земји-членки на ЕУ и три земји кои не се членки на ЕУ, но се дел од Шенген-зоната. Согласно одлуката, граѓаните на Република Македонија кои поседуваат биометриска патна исправа можат да патуваат без виза за краток престој во земјите од шенгенската зона. Престојот не треба да биде подолг од вкупно 90 денови, во период од 180 денови, сметано од денот на првиот влез.

Покрај биометриска патна исправа, за граѓаните на Република Македонија постојат и други услови за влез што важат и за сите државјани на трети земји што патуваат во шенгенската зона.

На државјаните на Република Македонија, при преминување на надворешните граници на шенгенската зона може да им бидат побарани некои од следниве документи[2]:

(а) за деловни патувања, односно настани поврзани со работа: покана од фирма или од орган за присуство на состаноци, конференции или на настани поврзани со трговија, индустрија или со работа; други документи со кои се утврдува постоење трговски односи или односи поврзани со работењето; билети за саеми и за конгреси, доколку се посетуваат.

(б) за патувања за потребите на учење или на други видови обука: потврда за запишување во наставна институција заради следење стручни или теоретски курсеви во рамките на основна и на стручна обука; студентска легитимација или потврда за следење курс.

(в) за патувања за туристички или за приватни потреби: доказ/потврда за сместување (покана од домаќин, доколку се престојува кај домаќин или потврда од организација што обезбедува сместување или друг соодветен документ во кој е наведено предвиденото сместување); докази за маршрутата на патување (потврда за резервација на организирано патување или друг соодветен документ во кој се наведени предвидените планови за патувањето); докази за враќање (повратен билет).

(г) за патувања за политички, научни, културни, спортски или за религиозни настани или од други причини: покани, билети, пријави или програми во кои, доколку е можно, е наведено името на организацијата што е домаќин и должината на престојот, или друга потврда во која се наведува целта на посетата.

(д) доказ за поседување доволно финансиски средства: преку готовина, патнички чекови, кредитни картички и/или изјави за спонзорство, согласно утврдените износи од страна на секоја од земјите

(ѓ) потврда за патничко/здравствено осигурување за времетрање на патувањето.

Со почетокот на визната либерализација започнаа и првите случаи за барање азил во земјите членки на Европската Унија претежно во Шведска и Белгија. На почетокот на март 2010 година се огласи Премиерот на Белгија и државната секретарка за миграции на Шведска дека нивната земја се соочува со голем бран на азиланти од Република Македонија.

Државите од Балканот неколку пати беа притистнати од страна на ЕУ да превземат мерки за да го спречат бранот на азиланти. Најпрво се правеа кампањи во кризните региони претежно со ромско и албанско население дека шансите за добивање на азил се многу мали скоро и невозможни затоа што ние потекнуваме од земји со безбедносна ситуација. Ваквите акции не дадоа позитивен резултат па затоа амбасадорите почнаа да ги посетуваат регионите заедно со претставници на Министерството за Внатрешни Работи. Покрај сите овие обиди нашата земја беше повторно притисната од страна на ЕУ, па така Македонија се одлучи да воведе репресивни мерки против лицата кои врбуваат, потикнуваат и организираат лица да бараат азил.

Законска Рамка

Најпрво се измени Законот за патни исправи со нова точка како причина за одбивање на барањето за издавање на пасош или виза, односно одземање на пасош и поништување на виза. Еден од додадените услови во членот 37 точка 6 е:

6) лицето е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно на прописите за влез и престој во таа држава [3]

После неколку месеци се измени и Кривичниот законик:

Член 418-д

Злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на

Шенгенскиот договор[4]

(1) Тој што врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската унија и на Шенгенскиот договор, заради стекнување или остварување на социјални, економски или други права, спротивно на правото на Европската унија, на прописите на државите членки на Европската унија и Шенгенскиот договор и на меѓународното право, ќе се казни со затвор најмалку четири години.

По измената на Кривичниот Законик, Министерството за Внатрешни работи започна акција со цел да ги идентификува превозниците кои ги превезуваат азилантите во европските земји. МВР откри неколку случаи и поднесе соодветни пријави.

На крајот на Македонија и беше наложено да прави поголеми проверки на границите. Очигледно беше дека државата ќе почне етнички да ги профилира и да не им дозволува на поединци да ја напуштаат државата затоа што биле потенцијални баратели на азил. Ние многу често ја обвинуваме нашата држава но всушност клучниот играч во оваа приказна е ЕУ затоа што цело време и прави притисок на Република Македонија. ЕУ побара неколку пати од Македонија да и помогне во имплементирањето на Шенгенскиот договор.

Според чл. 13 од Шенгенскиот договор:

Одбивање на влез

1. Државјанин на третите земји кој не ги исполнува сите услови за влез пропишани во Член 5(1) и кој не припаѓа на категориите на лица од Член 5(4) ќе биде одбиен за ВЛЕЗ во териториите на Земјите членки. Одлуката треба да биде без предрасуди на апликацијата на посебните одредби кои се однесуваат на правото на азил и на меѓународнита заштита или на прашањето за долгорочен виза престој[5].

Зошто Европската Унија бара од Македонија да ја засили контролата на границите кога членот од Шенгенскиот договор важи за државите кои се граничат со држави на Европската Унија? Во овој случај овој член важи само за Србија. Точно е дека Македонија се граничи со две држави на ЕУ Грција и Бугарија но македонските граѓани се враќаат од границите на северниот сосед Србија со која имаме потпишано договор нашите граѓани да ги преминуваат државните граници со лична карта. Зошто на нашите граѓани не им се дозволува влез во Србија, кога Србија не е држава членка на Европската Унија? Зошто се бара од Македонија и Србија да прават засилена контрола и почитување на Шенгенскиот договор кога ова ЕУ би требала да го бара од граничните полиции на Унгарија и Хрватска.

Во Македонија секојдневно почнаа да се јавуваат Роми кои се враќани од границите (Табановце). Имаше дури и случаи кога Роми се обидуваа да ја поминат границата со лична карта и да заминат во Србија кај роднини и пријатели но граничната полиција не им дозволи да ја напуштат државата. Се појавија и првите случаи каде на неколку Роми пасошите им беа пречкртани со две линии и напишани две букви А.З (азил) од страна на граничната полиција под сомнение дека овие лица ќе бараат азил во странска држава. Да напоменеме дека согласно Законот за патни исправи во Членот 5:

“Забрането е менување, бришење или исправање на податоците и на забелешките во патната исправа, како и менување на фотографијата или на потписот во патната исправа”[6].

Интересно е што никој не превзеде одговорност за овие случаи но тука би сакал да напоменам дека постои и празнина во Законот за патни исправи затоа што казнени одредби се пропишани само за физички лица но не и за правни лица ” Член 46 Со парична казна од 5.000 до 20.000 денари или со казна затвор до 30 дена ќе се казни за прекршок физичко лице”[7] Што станува со случаите кога граничниот службеник како правно лице менува податоци? Дали ќе биде казнет за стореното дело и според кој Закон?

Невладината организација АРКА од Куманово ги евидентираше овие случаи, но тие останаа само на хартија, нејасно е зошто НВО Арка не им помогна на лицата да ги заштитат своите права пред надлежните институции. Тука мора да напоменеме дека иако често слушавме на ТВ и социјалните мрежи дека Ромите се враќани од граница, сепак многу чудно е што ниту еден случај не е пријавен кај Народниот правобранител.

“На­род­ни­от правобранител ќе постапи во овој случај, и веќе има укажано што мисли во однос на ограничувањето на слободата на движењето. Но пак ќе кажам, постојано се зборува дека на одредени граѓани, главно од ром­ска­та заедница, им се удираат печати во пасошите, се враќаат назад од граница итн., меѓутоа тоа го слушаме од социјалните мрежи или, евен­ту­ал­но, од медиумите. Ниту еден од граѓаните не дошол со соодветен до­каз, да видиме и да утврдиме дека има таква повреда, за да се поведе пос­тап­ка. Значи, мојот апел во врска со ова прашање е ако определени гра­ѓа­ни од ромска или од друга етничка заедница се соочат со проблем при преминување на граница, да ја почнат постапката. Тоа значи да ба­ра­ат да си поднесат иницијатива за да може народниот правобранител по­на­та­му да интервенира. Бидејќи не може да се поведе постапка на кажано, без доказ”[8].

Враќањето на визите би бил не-фер третман на ЕУ кон земјите од Балкан но исто така ќе биде нарушен и кредибилитетот и угледот на ЕУ. Со ваквата одлука исто така би се закочил и интегративниот процес на земјите кои се подготвени да започнат пристапни преговори за членство во ЕУ. Јас не гледам ништо друго од Европската Унија освен притискање на земјите од Балканот, иако одговорноста која што ја бараат од земјите на Балканот лежи директно кај земјите на ЕУ кои не знаат како да се справат со бранот баратели на азил.

Можеби земјите на ЕУ би можеле да го земат примерот на Швајцарија која го скрати процесот на одлучување на 24 часа. Така државата не би морала да им исплаќа надоместоци на барателите на азил која во одредени земји трае и повеќе од 6 месеци. Тука би сакал да напоменам дека Швајцарија можеби изигра и престрого со скратување на времето затоа што реално за 24 часа не може да се утврди фактичката состојба на стотици граѓани кои бараат азил. Но ваквиот потег на Швајцарија е еден добар показател дека државите може да ги менуваат своите регулативи, а не да враќаат визи на неколку милиони граѓани. Се додека државите имаат долги процесни дејствија на одлучување, дотолку ќе бидат примамливи дестинации на барателите на азил.

Заклучок

Европската Унија е таа која што треба да направи промени во својата легислатива или пак треба да бара од земјите правилно да го имплементираат Шенгенскиот договор. Европската Унија не може и не смее да ги врати визите за милиони граѓани само поради неспособноста на членките да договорат заеднички политики за азил и миграции.

Европската Унија не може постојано да ги заплашува луѓето и Владите дека ќе ни ги врати визите, затоа што со таквиот чин само ги става во конфликтна ситуација државата и нејзините граѓани. А згора на тоа нашата држава ги прекршува своите закони поради селективната примена на одредбите наложени од ЕУ без било која правна основа.

Неколку пати напоменав дека единствениот начин за намалување на бранот на азиланти лежи само кај земјите членки на Европската Унија доколку ги скратат постапките за барателите на азил од Македонија и останатите земји од Балканот, имајќи го предвид фактот дека овие земји се безбедносно стабилни. Доколку ЕУ ја промени својата легислатива сите ќе имаат корист и државјаните на ЕУ и државјаните на земјите од Балканот. Значи се работи за тоа дали Европската Унија е спремна да промени во своите процедури или им е полесно одговорноста и вината да ја префрлуваат кон Балканот.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1] http://www.mfa.gov.mk/?q=node/147

[2] http://www.mfa.gov.mk/?q=node/147

[3] Закон за измена и дополнување на Законот за патните исправи Сл. Весник на Р. Македонија, бр.135 од 03.10.2011 година

[4] Закон за измена и дополнување на Кривичниот Законик Сл. Весник на Р. Македонија, бр.135 од 03.10.2011 година

[5] Шенгенски договор достапен на :

http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:L:2006:105:0001:0032:EN:PDF

1. A third-country national who does not fulfil all the entry conditions laid down in Article 5(1) and does not belong to the categories of persons referred to in Article 5(4) shall be refused entry to the territories of the Member States. This shall be without prejudice to the application of special provisions concerning the right of asylum and to international protection or the issue of long-stay visas.[5]

Член 5

1. За престој кој не е подолг од 3 месеци во период од 6 месеци, услов за влез на трети земји треба да бидат следните:

а) да имаат поседуваат валидна патна исправа која ќе им одобри премин на граница

б) поседуваат валидна виза доколку е потребна

в) ја оправдаат целта и условите за планираниот престој, имаат доволно средства за издржување, како за времетраењето на предвидениот престој и за враќање во нивната земја на потекло или транзит во трета земја во која тие планираат да одат.

г) тие не се лица за кои е издадено предупредување во СИС во смисла на одбивање на влез;

д) тие не се сметаат за закана за јавната политика, внатрешната безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на која било од земјите-членки

[6] Закон за патните исправи (пречистен текст) “Сл. весник на Р Македонија” бр.73/04 од 21.10.2004 година

[7] Закон за патните исправи (пречистен текст) “Сл. весник на Р Македонија” бр.73/04 од 21.10.2004 година

[8] Интервју за Вечер – со Васка Бајрамоска – заменик Народен правобранител достапно:

http://www.vest.mk/default.asp?ItemID=4400DF9C6EBE6B4FBDAE91D4B55D98FC

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]