КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПРЕЧУВАЊЕ ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА И НЕЈЗИНИОТ КАПАЦИТЕТ ЗА РЕШАВАЊЕ НА РОМСКИТЕ ПРЕТСТАВКИ

Дискриминацијата e феномен присутен во многу држави, меѓу кои и во Република Македонија.Во 2010 година беше усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој почна да се применува од 1.1.2011 година. По донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација се формираше и Комисија за заштита и спречување од дискриминација која е надлежна да го спроведува Законот. Оваа комисија ја има клучната улога во спречување и заштита од дискриминација како и промовирање еднаквост на граѓаните на Република Македонија.

Дискриминацијата се дефинира како: секое разликување, исклучување, ограничување или нееднакво постапување или непостапување, мотивирано од основите што се спомнати (кои постојат во моментот, или постоеле порано, а не постојат во моментот, или можат да постојат во иднина, или кои се препишуваат на одредено лице), а кое има за цел или резултира со оневозможување или отежнување на признавањето уживањето или практикувањето од страна на сите лица врз еднаква основа на сите права и слободи, односно во понеповолен третман на едно лице во однос на друго во слична ситуација[1].

Во македонската практика според Законот, како дискиминаторско однесување се смета: секое активно или пасивно однесување од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица во јавниот живот и јавните сектори, кое создава основи за привилегирање или депревилигирање на неоправдан начин на лице, на група лица, или на заедница или кое ги изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица, групи лица или заедници во слична ситуација базирано на некој дискриминирачки основ[2]

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го презентираше извештајот[3] за 2012 година и посочи дека Ромите се најдискримирана етничка заедница но и дека најголем број претставки кои биле поднесени по основ на етничка дискриминација биле поднесени од Роми. Според мене тука позитивно е тоа што Ромите ја препознаваат дискриминацијата и поднесуваат претставки, но дали Комисијата постапува по однос на претставките и дали правилно и навремено одлучува, може да процените сами на крајот од оваа анализа. Во овој поглед, во натамошниод дел на анализата ќе бидат прзентирани двата поголеми случаи на дискриминаторско однесување кон Ромите:

  • Учебникот за четврто одделение по македонски јазик во текстот “Оркестар” каде Ромите се нарекувани ЦИГАНИ.
  • City Mall каде неколку Роми беа избркани од нивните работни места поради нивната етничка припадност.

На ден 07.11.2011 година беше поднесена претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од страна на Елвис Шаќири, со образложение дека во учебникот за четврто одделение по македонски јазик во текстот “Оркестар” Ромите се наречени како ЦИГАНИ. Во прилог на претставката беа поднесени сите докази релевантни за случајот, и случајот беше пријавен и до Народниот правобранител во Скопје каде што имав средба со заменикот.

Комисијата согласно со членот 28 од Законот за заштита од дискриминација е должна да даде мислење во рок од 90 дена, при што одговорот на случајот го добил со задоцнување од 1 година и 5 месеци односно на 10.04.2013 година. Со ваквото задоцнување Комисијата го прекрши членот 28 став 1 од Законот за заштита и спречување од дискриминација.

Мислењето на Комисијата е следното:

Се ЗАПИРА постапката по претставката поднесена од страна на Елвис Шаќири против Министерството за образование и наука на РМ од причина што е постапено по барањето на подносителот – донесен е заклучок да не се обработува текстот од учебникот со наслов “Оркестар”,

По поведување на постапката заради правилно утврдување на фактичката состојба Комисијата ги превзеде следните активности:

  • Претставката ја достави на одговор до Министерството за образование на ден 06.12.2011 година

Тука Комисијата повторно прави повреда на Законот во членот 25 став 7 каде стои дека Комисијата претставката ја доставува до лицето против кого е поднесена во рок од 15 дена од денот на приемот. Претставката е испратена до Комисијата на 07.11.2011, Комисијата ја испраќа претставката до Министерството на ден 06.12.2011.

Во членот 27 став 2 стои дека лицето против кое е поднесена претставката во овој случај Министерството може да се изјасни за наводите во претставката во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием. Министерството го доставува својот одговор до Комисијата после 6 месеци на ден 26.06.2012 година.

По изведувањето на сите факти и докази Комисијата заклучува дека ваквата содржина на учебникот претставува вознемирување, предизвикува чувство на пониженост, повреда на достоинството на група луѓе, кое произлегува од дискриминаторска основа сторена од страна на Министерство за образование и наука и авторите на учебникот Проф. Др. Јелица Николовска, Ирена Башовска и Благица Андреевска.

Комисијата смета дека учебниците не смеат во своите содржини да имаат текстови со кои се стигматизира определена група на луѓе, особено ако се земе предвид фактот дека учебникот пред се има едукативна и воспитна функција, па според тоа и содржините на учебниците не смеат да бидат насочени кон кршење на човековите права.

Во изјаснувањето по претставката од страна на Министерството за образование и наука на РМ е наведено дека по добивањето на претставката, на 30.05.2012 година одржана е седница на Националната комисија за оценка на учебници на кој што со заклучок број 22-1407/1 од 18.06.2012 година СЕ ПРЕПОРАЧУВА на наставниците да не го обработуваат текстот под наслов “Оркестар”.

Од тука произлегува дека Комисијата во своето образложение утврдува дискриминација, меѓутоа Националната комисија за оценка на учебниците е таа која ја донесува одлуката за да не се обработува текстот од учебникот, а не Комисијата која има надлежност да поведе постапка. Во овој случај Комисијата се јавува само во својство на Медијатор меѓу подносителот на претставката и Министерството.

Комисијата доколку работеше стручно и професионално спроведувајќи го Законот требаше да утврди дискриминација во Март 2012 година и да даде препорака на Министерството да се измени или отстрани текстот, а не да чека цели 6 месеци од Националната комисија за оценка на учебници да донесе заклучок да не се обработува текстот. Иако случајот беше решен во Јуни 2012, подносителот на претставката не беше известен од страна на Комисијата. Согласно Законот Комисијата е должна да го извести подносителот. Подносителот во неколку наврати се обратил до Комисијата извастувајќи ги дека го прекршуваат Законот за на крајот после 10 месеци односно на 10.04.2013 година го добива мислењето на Комисијата.

Како што може да се види, Комисијата со секоја постапка што ја превзела го прекршила Законот за спречување и заштита од дискриминација, и од тука се поставува прашањето дали треба да веруваме во стручноста и професионалноста на оваа институција ?

Да се навратиме сега на препораката дали треба да бидеме задоволни со тоа што “нема” да се употребува овој текст?

Прво зборот препорака за мене не значи и задолжение (каква е формата не е дефинирана), и второ со тоа што “нема” да се употребува овој текст не значи дека дискриминаторската содржина е целосно отстранета, затоа што текстот сеуште стои во учебникот и децата во слободно време може да го прочитаат дискриминаторскиот текст. Јас лично ќе бев задоволен кога од овој учебник ќе беше ОТСТРАНЕТ или ИЗМЕНЕТ текстот.

Тука би сакал да споредиме сличен случај за да се утврди како Комисијата постапила во 2011 година.

Случај

До Комисијата за заштита од дискриминација доставена е претставка од Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници против Министерството за образование и наука, како надлежно и одговорно за издавањето на учебници, како и против три автори на учебник за гимназиско образование, затоа што истиот содржел текстови кои се навредливи, неприфатливи и поттикнуваат дискриминација на одредена група луѓе.

По поведување на постапката, за правилно утврдување на фактичката состојба, Комисијата претставката ја достави на одговор до Министерството за образование и наука, како и до авторите на учебникот. Понатаму, Комисијата изврши увид во изјаснувањето по претставката од Министерството, изврши увид по наводите изнесени во претставката од страна на авторите, ги разгледа приложените докази од страна на подносителот на претставката, но изврши и телефонски разговор со авторите на учебникот.

Земајќи ги предвид сите факти, Комисијата утврди дека искажаното во учебникот претставува вознемирување, предизвикува чувство на пониженост, но и дека претставува повреда на достоинство на група на луѓе, кое произлегува од дискриминаторска основа.

Како резултат на тоа, Комисијата препорача на Министерството за образование и наука да изврши ревизија и исправка на содржината на учебникот. Министерството постапи по препораката на Комисијата и ја отстрани повредата преку исправање на делот од учебникот во прашање.[4]

1. Во првиот случај со Ромите е донесена препорака: Националната комисија за оценка на учебници на кој што со заклучок број 22-1407/1 од 18.06.2012 година СЕ ПРЕПОРАЧУВА на наставниците да не го обработуваат текстот под наслов Оркестар.

2. Во вториот случај: Како резултат на тоа, Комисијата препорача на Министерството за образование и наука да изврши ревизија и исправка на содржината на учебникот. Министерството постапи по препораката на Комисијата и ја отстрани повредата преку исправање на делот од учебникот во прашање.

 

ЗОШТО ЗА ИСТ СЛУЧАЈ ИМАМЕ РАЗЛИЧНА ОДЛУКА И РАЗЛИЧНА ОПРЕДЕЛЕНА ПРАВНА МЕРКА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПОВРЕДАТА?

На крајот би сакал да го споменам случајот со City Mall каде неколку Роми на ден 13 Март 2013 година беа отстранети од нивните работни места поради нивната етничка припадност. Комисијата покрена постапка по службена должност но сеуште нема никаков одговор. Ќе повторам дека согласно член 28 од Законот за заштита и спречување од дискриминација, Комисија е должна да даде мислење во рок од 90 дена. Денес сме 25 Јуни 2013 година поминаа 104 дена уште ли треба да чекаме?

И на крајот наместо заклучок и препораки упатувам АПЕЛ до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во НАЈКУС можен рок пред да заминат на “заслужен” летен одмор нека одлучат по однос на случајот со City Mall доколку сакаат да го зачуваат својот кредибилитет како институција која е надлежна да ги штити граѓаните од дискриминација.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.

 

[1] Поимник на изрази поврзани со дискриминацијата, МЦМС, Скопје 2008, стр.24.

[2] Закон за спречување и заштита од дискриминација Службен весник на РМ, бр. 50 од 13.04.2010 година, член 5 ст.1.

[3] Комисија за заштита и спречување од дискриминација, извештај за 2012-та година.

[4] Извештај на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација за 2011 година, стр.24

 

Достапни на:

www.kzd.mk

www.pravo.org.mk

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]