Кој ќе ги штити правата на најранливите?

Предлог закон за отпис на долгови и репрограмирање

Автор: Марија Сулејманова

Овие денови предлог – законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите и трошоците на физичките лица се наоѓа во собраниска процедура во Собранието на РСМ, со предлог овој закон да се донесе по скратена постапка.

Како што е наведено во самиот предлог – закон, истиот треба да помогне во надминување на проблемот со кој се соочуваат голем број на граѓани во однос на предметите дадени за извршување оптоварени со камати во долготрајни постапки. Со овој предлог – закон се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на претпријатијата во државна или јавна сопственост (како топлификација, водовод и сл.), додека отписот на каматите од страна на приватните претпријатија (како ЕВН) е определен како доброволен отпис (доколку ЕВН се согласи на доброволен отпис на долгови).

Покрај отписот на каматите од долговите, овој предлог - закон предвидува и обврска за репрограмирање на долговите на граѓаните кои ќе бидат ослободени од каматите и можност за плаќање на долгот на рати. Репрограмирањето на главниот долг и трошоците во пракса значи активирање на постапките пред извршителите од страна на доверителите со смалување на сумата на долгот во висина на каматата.

Со овој предлог - закон ќе може да се отпишат само каматите, но не и трошоците кои исто така ја зголемуваат сумата на долгот. Тука станува збор на повеќе видови на трошоци кои обично се вклучени во една извршна исправа, како што се цена на администрирање, трошоци за извршни дејствија, материјални трошоци, награда за извршител, адвокатски трошоци и ДДВ 18%. Па така од членот 7 е наведено дека репрограмирањето се однесува на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот.

Наративот искористен во овој предлог - закон е дека законот дава еднократна помош во решавање на проблемот со извршните предмети. Гледајќи го предлог законот еднократната помош се однесува само на отпис на каматите, но не и на трошоците или и на главниот долг во одредени ситуации или случаеви. Во членот 1 е определено дека предлог – законот се однесува на отпишување на пресметаните камати, a репрограмирањето се однесува на главниот долг и на трошоците во постапките, додека во членот 9 е наведено дека при спроведување на извршувањето ќе се води сметка за видот на долгот и нема да се врши наплата на каматата и ТРОШОЦИТЕ отпишани со овој закон, иако овој предлог - закон не предевидува отпис на трошоци.

Со предлогот даден во овој предлог - закон начинот на отпис на каматата е задолжителен за државни и јавни претпријатија, додека за приватните претпријатија е доброволен со тоа што тие се обврзани да донесат одлука во рок од 90 дена од денот на стапување во сила на законот. Од вака поставената одредба која е доброволна за приватните претпријатија се поставува прашањето која е причината од задолжителноста за донесување на ваква одлука доколку приватните претпријатија нема да го прифатат овој предлог. Задолжителноста за донесување на одлука од страна и на државните и јавните претпријатија и приватните претпријатија се поврзува со прекршочните одредби од предлог - законот, пришто е определена глоба од 2.500 евра за правното лице доколку одлуката не се донесе во предвидениот рок од 90 дена и доколку истата не се направи јавно достапна. Глоба е предвидена и за одговорно лице во правното лице кое нема да пристапи кон донесување на одлуката.

Ставот 3 од истиот член 6, се осврнува на известување на извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката, што произлегува дека приватните претпријатија можат да ги активираат повторно извршните судски предмети [вклучувајќи ги и старите судски извршни предмети] и без да извршат отпис на каматите.

Понатака, во членот 7 е определено дека државните и јавните претпријатија и претпријатија во приватна сопственост кои ќе донесат одлука за примена на законот, согласно постапката предложена во овој предлог-закон ќе вршат репрограмирање на главниот долг и трошоците на месечни рати со точно даден рок на отплата. Вака определените месечни рати се поврзуваат со условот за донесување на одлука за примена на законот. Ратите во законот се од 6 месеци до 48 месеци во зависност од сумата, и тоа:

  • За долг до 10.000 денари е определена можност за отплата во рок од 6 месеци, што би значело дека најголемата рата би достигнала до 1666 денари на месечно ниво;
  • За долг од 10.000 денари до 60.000 денари е определена можност за отплата во рок од 12 месеци, што би значело дека најголемата рата би достигнала до 5000 денари на месечно ниво;
  • За долг од 60.000 денари до 120.000 денари е определена можност за отплата во рок од 24 месеци, што би значело дека најголемата рата би достигнала повторно до 5000 денари на месечно ниво;
  • За долг од 120.000 денари до 240.000 е определена можност за отплата во рок од 36 месеци, што би значело дека најголемата рата би достигнала до 6666 денари на месечно ниво;
  • И за долг кој би изнесувал над 240.000 денари е определена можност за отплата во рок од 48 месеци, што би значело дека месечната рата би била поголема од 5000 денари.

Од определениот рокови за исплата може да се види дека месечните рати за исплата на долговите би биле повторно со висока сума. Вака определените рати и рокови за исплата не ја земаат во предвид категоријата на граѓани кои се соочуваат со ваквите проблеми на долгови. Овој закон треба да изнајде решение за долговите да не им претставуваат значителен дополнителен товар на граѓаните кои се со ниски примања или се без примања. Воедно, никаде во законот не е дадена можност сумата на месечно ниво да варира сразмерно со месечните примања. Дополнително, во членот 7, став 3 е определено дека за доспеани и неплатени рати на репрограмираниот долг и трошоци ќе се пресметува законска затезна камата. Иако овој предлог-закон е за отпис на камата, самиот закон пропишува плаќање на камата.

Новите законски измени на Законот за извршување во однос на ограничувањата за извршување од 1/3 преминаа на 1/5 за лицата приматели на просечна плата и пензија [иако законското решение е нејасно и истото наместо да гласи извршување на 1/5 за лицата приматели ДО просечна плата и пензија и приматели на просечна плата и пензија]. Доколку се земе сумата на минималната плата која изнесува 14.500 денари се увидува дека ограничувањето ќе изнесува 2.900 денари [ 1/5 од платата] што може да биде несразмерно со понудените суми и рокови за наплата на долгот наведени во овој предлог-закон, бидејќи во зависност од долгот истите според членот 7 може да достигнат и до 5000 денари месечно. Вака поставените рокови дополнително ја усложнуваат прецизноста во исплатата на долгот.

Овој предлог исто така овие предмети ги дели на стари судски извршни премети кои биле трансферирани кај нотарите и извршителите заклучно со 31 декември 2011 година и на предмети дадени за извршување на наплата на долгови пред извршителите дадени за извршување од страна на доверителите заклучно со 31.12.2017 година.

Од анализата на законот, во прилот се следните констатации:

  1. Со ваквата класификација на предметите и вклучувањето на старите судски извршни предмети ќе се создаде конфузија кај граѓаните во однос на темата плаќање на стари долгови, за која и веќе постои голема конфузија и несоодветни постапки од страна на сите инволвирани страни во спроведување на плаќањето.
  2. Во членот 3 од предлог – законот се наведени стари судски извршни предмети издадени од страна на надлежни судови, а кои биле пренесени кај нотарите и извршителите заклучно со 31 декември 2011 година, пришто е нејасно дали станува збор за извршни предмети кои не се постари од 31 декември 2011 година или датумот се однесува на самиот трансфер на предмети. Доколку датумот се однесува на самиот трансфер на предмети во тој случај се појавува опасност од вклучување во пресметката на долгови и на можни постоечки долгови постари од 2011 година. Ваквата формулација, иако на институтот застареност не се внимава по службена должност, може да биде искористена за вклучување во пресметката и на долгови од извршни предмети постари од 10 години без да се земе во предвид апсолутната застареност на самата извршна исправа. Во тој случај вака поставениот предлог – закон може финансиски непотребно да наштети на граѓаните кои немаат познавање од ваквите правила.
  3. Вклучувањето на старите судски извршни предмети кои не биле спроведени поради правниот лавиринт, а за кои исто така постоеле најави од граѓани дека тужбите не ги примиле навремено, дека имало неуредна достава, дека дел од граѓаните ги платиле сметките, но не ги чуваат сметките како доказ за исплатата и други слични правни недостатоци, ќе доведе до правна несигурност кај граѓаните.
  4. Овој предлог-закон наведува само отпис на каматите, но не и на другите трошоци кои исто допринесуваат за зголемување на долгот на должникот. Тоа би значело дека долговите можат повторно да бидат со висока сума.
  5. Овој предлог закон, како што беше наведено во објаснувањето, не дава можност за вистинско прилагодување на примањата на должникот со висината на долгот и ратите за плаќање на долгот, кои воедно може да не се во согласност со новите измени на Законот за извршување.
  6. Со овој закон ќе се предизвика правна несигурност кај граѓаните, и тоа кај најранливите категории бидејќи претпоставката е дека овие лица се со најголем број на извршни предмети. Покрај правната несигурност, во ваквите ситуации ќе си појават и случаеви кога ќе треба нивната егзистенцијална состојба да биде заштитена, особено доколку ратата за плаќање на долгот е висока.
  7. Во ваква ситуација се зголемува и можноста доверителите покрај долговите од извршните предмети, да ги наведуваат и оние долгови кои не се извршни и да бараат од должниците да потпишуваат договори за плаќање на стари сметки за кои не постои повеќе законска обврска за плаќање. Тука станува збор и за лица – должници кои најчесто немаат правно познавање и немаат финансиски средства за покривање на правните трошоци, како адвокат. Поврзано со темата потпишување на договори за долгови е и заштитата на примателите на минимална загарантирана социјална помош чии примања со изземени од извршување, но не и од потпишување на договори за исплата на долгови [често застарени долгови].
  8. Од формулацијата на законот, предност се дава на репрограмирање на долговите и се креира систем со задолжително донесување на одлука страна на државните и јавните претпријатија и приватните претпријатија без логично објаснување зашто одлуката е задолжителна во однос на приватните претпријатија.
  9. Со давањето на предност на репрограмирањето на долговите, постои голема веројатност дека доверителите ќе ги активираат повторно постоечките извршни предмети, што значи дека единствените оние кои ќе имаат намалување на буџетот се граѓаните, а не Буџетот на државата. Спротивно, вака формулираниот закон со отпишување само на каматите по кои државата и приватните претпријатија немаат трошоци [бидејќи каматата доаѓа од законските одредби, а не од преземање на дејствија] ги става доверителите во подобра позиција.
  10. Во ноември 2018 година се донесе Законот за отпишување на каматата за наплата на долгови кои произлегуваат од услугите вршителите на комунални дејности за наплата на долгови кои произлегуваат од услугите од вршителите на комунални дејности од ноември 2018 година, кој важи за решенијата за извршување издадени од суд заклучно со 25 мај 2006 година трансферирани кај нотар или извршител. Овој веќе постоечки закон и предлог-законот покриваат исти извршни предмети за кои може да има отпис на долг, во таа насока што овој предлог-закон се фокусира повеќе на репрограмирање на долгот.

Отпишувањето на каматите е недоволно решение за решавање на правниот лавиринт на најзагрозените граѓани кои се соочуваат со проблемот на долгови. Потребно е да се донесе закон за отпишување на долговите на граѓаните, како и на примателите на минимална загарантирана социјална помош, така и на оние граѓани чија плата не ја надминува просечната плата. Граѓаните не се криви за правниот вакум кој бил креиран со трансферот на предметите од судовите до нотарите и извршителите. Крајно време е исто така да се провери валидноста на договорите кои граѓаните [ сите граѓани, како и примателите на минимална загарантирана социјална помош] ги потпишуваат за исплата на стари сметки. Потребно е институциите да го испитаат ваквото потпишување на договори и да не дозволат граѓаните да бидат оптоварени со незаконски и неморални трошоци кои директно влијаат на нивниот квалитет на живот. Законски треба да се забрани потпишувањето на договори за исплата на долгови од страна на приматели на минимална гарантирана социјална помош. Воедно, треба да се креира соодветен систем за присилно извршување, прилагоден за оние кои прв пат се вработуваат, поради намалување на платата без притоа да се даде период тоа лице / семејство да ги стабилизира своите приходи.

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]