Учеството на граѓаните во процесот на креирање политики е битно за развојот на заедницата, и претставува еден од столбовите на демократијата. Со воспоставувањето на консоцијалната политичка рамка во Македонија, што ja наметна Охридскиот Рамковен Договор, се појавија нови форми и можности за вклучување на граѓаните во политичките процеси. Иако најголем дел од граѓаните учествуваат во политичките процеси само за време на изборите, постојат многу начини преку кои граѓаните можат да учествуваат на постојана основа (Pahad, 2005). Според Creighton (2005) граѓаните се вклучуваат во донесување одлуки во ситуации каде што тие одлуки влијаат на нивните животи, особено на локално ниво, каде што граѓаните го чувствуваат директното влијанието на политичките одлуки. Во овој контекст децентрализацијата се промовираше како еден од најдобрите начини за приближување на локалната власт до граѓаните, со цел да се овозможи поефикасно работење на локалните проблеми и повисоко учество на граѓаните во управувањето со локалните работи. Преку овој процес, локалните власти имаат можност да ги вклучат граѓаните преку директни средби за да го увидат нивното мислење за определени политики, нивните потреби и преференции коишто можат да станат дел од работата на локалната самоуправа (Македонски центар за меѓународна соработка, 2011). Искуството од останатите држави покажува дека соработката со граѓаните и НВО секторот при испорачувањето на програми и услуги може да обезбеди пристап до ресурси, знаење и заложба во имплементирањето на активностите кои се во интерес на заедницата. Како резултат на тоа, граѓаните се чувствуваат вклучени во решавањето на нивните проблеми, расте довербата во локалните институции и се зајакнува легитимитетот на одлуките на локалните власти...  

Стремежот кон постигнување на подобра детска заштита треба да се постигне со редистрибуцијата на буџетот во една држава односно повеќе одвоени финансиски средства по однос на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на децата. Одвојувањето на повеќе финансиски средства од буџетот ќе допринесе кон поголема социјална заштита на оние групи кои се најранливи во општеството, особено децата од посиромашните семејства со цел да се постигне социјална сигурност и еднакви можности за сите во општеството. Во овие насоки, креаторите на политиките во делот на социјална заштита на децата треба да ги насочат мерките поефективно, особено во делот на намалување на сиромаштијата...  

Според вредностите и принципите на демократијата, секој човек без разлика на етничката, религиозната или родовата припадност има право да учествува во јавните процеси и одлуки кои влијаат врз неговиот или нејзиниот живот. Сепак според податоци од меѓународните организации, жените се значително помалку застапени во јавните процеси, а посебно на пазарот на трудот на национално ниво. Според Организацијата за Економска Соработка и Развој (ОЕЦД), разликата во висината на личниот доход се должи на полот на вработените . Податоците покажуваат дека најголема разлика во висината на личниот доход е во Јужна Кореа, Естонија и Јапонија, додека пак во Луксембург, Белгија и Нов Зеланд е најмала. Ваквите податоци покажуваат дека родовата рамноправност и положбата на жената во општеството сеуште се третира различно во светот. Поразителен е фактот што Меѓународната Организација на Трудот (ИЛО) бележи дека во последните 20 години, учеството на жените на пазарот на трудот во светски рамки е намалена од 52.4% на 49.6% 1 Исто така, според студија на Светска Банка во 2015 година, речиси половина од женското работоспособното население во Македонија е неактивно, додека пак неактивноста на машкото население во државата е значително помала. Резултатите од студијата, исто така покажуваат дека етничката припадност игра голема улога на пазарот на трудот. Конкретно, постои силна интеракција меѓу половата и етничката припадност на пазарот на трудот, посебно за жени од етничките заедници или ранливите групи . За веќе вработените жени, ИЛО бележи дека воведувањето на минимална плата во Македонија доведе до регулација на статусот на жените на пазарот на трудот. ИЛО предупредува дека голем број на вработени жени не се соодветно платени, односно се платени според минимален личен доход без оглед на нивното занимање...  

Преку статистички податоци и согледувања за општите состојби во различни области, Народниот правобранител во своите Годишни извештаи, како и преку Посебни информации, извештаи, Препораки и иницијативи за законски измени, ја насочуваше Владата, Министерствата и другите надлежни органи и институции во креирањето на јавните политики, укажувајќи на почитување и создавање на претпоставки за остварување на правата на Ромите. Денес, Македонија е во фаза на имплементација на нова Стратегија за Роми во Македонија 2014-2020, при што четирите области и натаму остануваат актуелни прашања. Констатациите од нашето работење укажуваат на ранливост и маргина- лизација на Ромите кои живеат во голема сиромаштија, во тешки и несоодветни услови, во субстандардни и импровизирани живеалишта, без соодветен довод на вода за пиење, без можност за вработување, отежнат пристап до права од здравствена заштита, ниска здравствена писменост, нелегализирани ромски населби и сл. Се уште голем број деца од ромската заедница не се вклучени во предучилишното образование, најголем дел од децата на улица се Роми, најголем број од семејствата без лична документација повторно се Роми. Во неколку градови во земјава продолжува дискриминацијата кон ромските деца, на начин што родителите одбиваат да ги запишат децата во училиште во кое учат Роми, или при формирањето на паралелките учениците Роми се сегрегираат во иста паралелка...  

Partners and Supporters

     

Find Us

Contact us

Dimitrie Cuposki 25/1
1000 Skopje, North Macedonia

[email protected]