Национална конференција „Проценка на напредокот на јавните политики кон ромската заедница"

Националната Конференција “Проценка на напредокот на РСМ во спроведувањето на јавните политики кон ромската заедница” е резултат на стратешките заложби на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико.

Темите кои беа опфатени на оваа конференција се од клучно значење за подобрувањето на состојбата на ромската заедница во државата. Оваа конференција се организираше во рамките на проектот Граѓанско општество за интеграција на Ромите 2020 поддржан од Канцеларијата за ромски прашања при Фондацијата Отворено Општество, Берлин. 

Главната цел на Националната Конференција беше да поттикне дебата помеѓу различните општествени чинители и да даде конструктивен критички осврт за спроведувањето на јавните политики за Роми во Република Северна Македонија. Националната Конференција беше поделена на три панели со следните теми: 

1. Спроведување на Националната Стратегија за Роми; 

2. Соодветна и правична застапеност на заедниците во Република Северна Македонија, со посебен фокус кон ромската заедница; 

3. Интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија и положбата на Ромите во патот на државата кон ЕУ.

 

Во однос на спроведување на Националната стратегија за Роми беше потенцирано дека Република

Северна Македонија ја усвои Декларацијата за Интеграција на Ромите во рамките на процесот на

проширување на ЕУ, со која државата се залага за исполнување на одредени цели во клучните области – образование, здравство, вработување, домување, решавање на статусот на лица без документи и не-дискриминација. „Имајќи во предвид дека државата влегува во последната година од спроведувањето на Националната Стратегија за Роми и акционите планови 2016 – 2020, од клучно значење e да се даде осврт и отчет кон Ромската заедница за статусот на имплементација на НАП, клучните предизвици како и вклучувањето на Ромите во мејнстрим политиките во државата. Генерален заклучок е дека политиките за Интеграција на Ромите во горенаведените области во 2018, на оперативен план имаат прогрес во одделни области како што се – зголемување на инфраструктурните проекти во ромските населби, зголемувањето на опфатот на средношколци со стипендии, намалување на стапката на смртност кај ромските доенчиња и тренд на премин на пасивните баратели на работа во активни баратели“. 

 

Од финансиски аспект, за прв пат буџетската ставка за поддршка на Имплементацијата на декадата и Стратегијата за Роми е зголемена за 24%. Во доменот вработување, постои стагнација во однос на зголемување на опфатот на Роми како корисници на Активните мерки за вработување и непроменета состојба во однос на намалување на невработеноста. Додека, во областа домување се нотира непроменета состојба во однос на урбанизацијата на Ромските населби пришто претставува главна пречка за легализација на нивните живеалишта. Во доменот здравство, мерката за укинување на партиципацијата за деца од социјален ризик има позитивно влијание, меѓутоа во однос на останатите мерки и активности нема значителни промени.

 

Во однос на соодветната и правична застапеност на заедниците во Република Северна Македонија, со посебен фокус кон ромската заедница, податоците покажуваат континуирано но бавно подобрување на правичната застапеност на заедниците. Застапеноста на Ромите според податоците на Народниот правобранител се намалиле од 1,4% во 2015-та на 1.3% во 2016-та и овој процент останува непроменет во последните три години. Во 2018-та оваа застапеност изнесува. Особена незастапеност во државна и јавна администрација ромската заедница има во делот на раководни позиции каде процентот на исполнетост изнесува 0.2%, додека пак кај другите заедници изнесува: Македонци 79.2%, Албанци 14.9%, Срби 2.0%,Турци 1.4%, Власи 1.1%, Бошњаци 0.4%.

 

„Европската Комисија, со вклучување на ромските политики како елемент од политичките критериуми за пристапување на земјите кандидати, им дава до знаење на државите дека е потребно да преземат сериозни чекори за интеграција на ромската заедница. Притоа, преку извештаите за напредокот на државите, ЕК укажува на предизвиците и проблемите со кои се соочува ромската заедница и за кои државата треба да најде начин системски да ги реши пред да влезе во ЕУ. Од извештајот за 2019 година ЕК повторно забележува дека “останува многу да се направи за вклучување на Ромите” и воедно неколку пати низ извештајот забележува “бидејќи препораките од претходната година не се воопшто [или] целосно спроведени, тие остануваат валидни”, беше потенцирано на панел дискусијата „Интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ и положбата на Ромите на патот на државата кон ЕУ“.

 

Партнери и поддржувачи

     

Пронајдете не’

Контактирајте со нас

Димитрие Чупоски 25/1
1000 Скопје, Северна Македонија

[email protected]